Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов порача дека имало голем број обиди за минирање на протестот на синдикалците и тврди дека е „жалосно што петтоколонашите излегоа од редовите на синдикатите“. Според него, КСС преку медиумите излезе со став дека нема потреба од радикални чекори бидејќи платите се зголемиле за 20% и тврдеше дека треба да се зголемат платите на функционерите.
На денешната прес-конференција, меѓу другото, Трендафилов рече дека не може да се изначуди на обвинувањата од власта дека „ССМ бил виновен затоа што работниците во 2028 година нема да добијат 600 евра минималец“. „Вратете се во иднината, другари, дојдете во реалноста“, рече првиот синдикалец во државата. Рече дека во понеделник го чека преставникот на власта за да потпишат зголемување на платите.
Трендафилов за следната недела најави блокади, а, како што рече, пратениците во Собранието ќе бидат првите кои што ќе ги блокираме затоа што го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите.
-Веројатноста е наредната недела дека ќе одат со автобус и пешки, како што доаѓаат најголем дел од работниците. Ќе ги чекаме да ги поздравиме и да ги потсетиме дека таму се за нас и дека треба да гласаат. Тоа ќе биде следниот чекор, а за информациите ќе објавиме во понеделник. Дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот, истакна претседателот на ССМ.