Трендафилов: Најмалку по 21 работник на две локации пред Собрание ќе завршат работа за пратениците утре да не наплатат патни трошоци

-Пратениците се прават глуви и слепи за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80%, посочи првиот синдикалец

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Принтскрин

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов информира дека законски им се потребни најмалку по 21 човек за блокирање на булеварите „Даме Груев“ и „11 Октомври“ кај влезовите на Собранието. Трендафилов смета дека пратениците не треба да се грижат за тоа колку луѓе ќе излезат на улица.

Според него, блокадата треба да биде порака до народните избраници дека тие го блокираат Законот за минималец повеќе од една година, а за тој период секое семејство е посиромашно за 9500 денари месечно, затоа што вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за толку пари во истиот период.

-Пратениците се прават глуви и слепи за последната иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија за намалување на нивните плати за 80%, или да си ја намалат основицата за пресметка на платите, од просечна на минимална плата, да дојдат и тие на минималец, па потоа да зборуваат колку е добро со минимална плата да се живее во Македонија, кажа денеска Трендафилов.

Првиот човек на ССМ додаде дека пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците, односно нема да можат да наплатат трошоци за доаѓање на работа, кои изнесуваат од 100, па нагоре евра, и со тоа, како што вели, ќе им покажеме дека, онака како работниците што доаѓаат на работа пешки или со автобус, со јавен превоз, така ќе треба и тие да дојдат истиот ден.

На утрешната блокада ќе присуствува и раководството и членовите на Синдикатот на УПОЗ кои вчера заедно со КСС и со Владата постигнаа договор за зголемување на додатоците на плата за 40 проценти до 2028 година.

-Утре, Синдикатот на УПОЗ ќе даде поддршка затоа што основната компонента за пресметка на платите во управата и правосудството е минималната плата. Доколку минималната плата се зголеми за 200 евра, нивните плати ќе се зголемат за 200 евра. Но, загрижува тоа што за вработените во полицијата, одбраната и во други институции има предвидено нула проценти, а таму платите се пресметуваат како минимална плата со додатоци на плата, рече Трендафилов.