ССМ ја доби поканата за денешната седница. За жал, на седницата нема точка за зголемување на платите туку да ја разгледуваме минималната потрошувачка кошничка. Изгледа ќе не убедуваат дека добро се живее во Македонија и дека нема потреба од зголемување на платите. Цело претседателство дојде тука за да дискутираме и да побараме прва точка на дневен ред да биде растот на платите во приватниот и јавниот сектор, изјави првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет која се одржува во Владата.
Трендафилов е дециден дека две минимални плати треба да ја покриваат синдикалната минимална кошничка.
-Треба срам да не фати нас синдикалците да кажуваме помалку од тоа што работодавачите сакаат да ни го дадат. Ако работодавачите имаат желба да се зголемуваат платите на сите во приватниот сектор, треба да најдеме начин и решение со кое Владата ќе го помогне процесот и ќе субвенционира дел од придонесите. Така ќе се елеменира сивата политика во делот на платата во плико која ја чини касата приближно 250 милиони евра, рече претседателот на ССМ.
Тој очекува да ги види ставовите и на останатите страни во дијалогот. Секој ќе тргне со свои аргументи. Оценува дека не е добро платите да стагнираат и да не се зголемуваат како што е во случаите во Србија, Бугарија, БиХ, Црна Гора…