Трендафилов: Работниците ќе ја дочекаат Нова година како најсиромашни на Балканот и во Европа

„Ако тоа е честитката која сакаа да ја упатат од денешната седница, тогаш ќе бидеме принудени и ние на друг начин да честитаме Нова година. ССМ годинава беше оставен сам да се бори за зголемување на платите и тоа е премногу тешко“, рече првиот човек на ССМ, Трендафилов

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Инфомакс

„Веројатно некој сакаше да си честитаме денеска Нова година. Тоа што можам да го кажам дека на барање на ССМ, дел од дневниот ред беше растот на минималната плата и анализата која во текот на денот ќе ја споделиме. Тоа што го слушнавме внатре беше лицитирање со потребата од зголемување на минималецот – 600, 700, 800, па дури и 1000 евра. Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се спремни и да не повикаат нас синдикатите и да ни кажат што ќе се случи. Предлагаме тоа да го направат што побрзо, за да не си ја честитаме Нова година на различен начин“, вели првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов по денешниот економско-социјалниот совет во Владата, на кој се дискутираше за зголемување на минималната плата во државата.

Трендафилов информира дека на седницата, сите останати синдикати биле неми за зголемувањето на платата и ја бранеле Владата од дискусијата на претставниците на ССМ.

-Загрижени сме од ваквата состојба и загрижени се и работниците – Нова година ќе ја дочекаат како најсиромашни на Балканот и најсиромашни во Европа. Ако тоа е честитката која сакаа да ја упатат од денешната седница, тогаш ќе бидеме принудени и ние на друг начин да честитаме Нова година. ССМ годинава беше оставен сам да се бори за зголемување на платите и тоа е премногу тешко. Сите се здружение против ССМ и зголемување на платата, додаде Трендафилов.