Првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов преку отворено писмо до граѓаните, порача дека најавениот протест на 28-ми јануари не е за „ако имаш време“ па ќе дојдеш, не е ниту за ,,чекај сега, кај најдоа да протестираат во 17 ч., ќе биде темно и ладно, може и ќе врне, може друг ќе протестира па ќе завршат работа”.
-Овој протест е за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први, а кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно со тебе. Овој протест е затоа што те потценуваат и понижуваат и газдите и властите, затоа што на едните им е важно за ниски плати да им го стварате капиталот, а на другите им е важно со ниски плати да ги гласате за да Ве владеат, да владеат сиромашен народ, но послушен народ, затоа што ако имате пристојна плата и пристојна работа нема да мислите ниту на едните ниту на другите.
Овој протест е за сите вас, за Вашите деца, за Вашите внуци за тоа што со мизерни плати некој свесно Ве брка и Ви ги брка од Државата. Овој протест е против неправдата, против неправдата тие да имаат, а вие да немате, неправдата која значи 250 евра зголемени плати за нив и 78 % зголемени плати на нив (избраните и именуваните), 250 евра зголемена плата на истите тие на кои Вие им ја давате моќта и платата, а тие не водат грижа за Вас и Вашите семејства…, порачува, меѓу другото, претседателот на ССМ.
Трендафилов бара од работниците и граѓаните да не се плашат од никого и да им се придружат на синдикалците на 28-ми јануари. Главната цел, според него, е зголемување на работничките плати за најмалку 6.000 денари преку зголемување на минималната плата на 600 евра.
Протестот започнува на 28 јануари 2026 година во 17:00 часот пред Работнички дом (зграда на ССМ на ул. Мирче Ацев бр.6) во Скопје, по што продолжува пред Собранието, Стопанската комора и Македонската Влада.
„Додека трае протестот, можеби некој ќе има итна потреба ( за медицинска нега или за итни семејни потреби) да се движи по истите улици по кои ќе се протестира, за што однапред му се извинувам, но без оглед на протестот ќе биде обезбеден коридор“, информира Трендафилов.