Трендафилов: Ве повикуваме на протест затоа што тие сметаат дека сте задоволни со ништо или со ронки, наспроти луксузот кој им го овозможувате

„Сметаме дека треба да излезете заедно со нас... ако не ние сега, тогаш кој и кога?!“, праша првиот синдикалец во државата

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: ССМ

На денешната прес-конференција која се одржа во Работничкиот дом, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов го најави новиот голем работнички протест за зголемување на работничките плати и упатувајќи повик за присуство на сите работници и на сите граѓани.

„На 14-ти март во 12 часот и пет минути од пред Работничкиот дом го започнуваме новиот голем работнички протест за зголемување на вашите плати, а за вашите плати треба да излезете заедно со нас да се борите затоа што другите нема да се борат. Тие сметаат дека ви ја даваат платата која вие ја заработувате, но вие ја заработувате вашата плата со вашата пот и со вашата мака. Сметаме дека 1.667 денари усогласување само на минималната плата е недоволно во овие услови во кои живееме затоа што трошоците за живот секојдневно растат, а особено заради тоа што вредноста на синдикалната минимална кошница за само два месеци е зголемена за 2.000 денари. Тие сметаат дека вие сте задоволни со ништо или дека сте задоволни со ронки, наспроти луксузот кој им го овозможувате нив и затоа ве повикуваме сите“, рече Трендафилов.

Според првиот синдикалец, дека платите во Македонија се мизерни покажуваат и податоците на Управата за јавни приходи кои покажуваат дека 160.000 работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата.

„Сметаме дека треба да излезете заедно со нас… ако не ние сега, тогаш кој и кога?!“, праша Трендафилов.

На новинарското прашање кое се однесуваше на последната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) која ССМ ја напушти и на тоа дали има најава за одржување на нова седница, како и за тоа каква е процедурата за законското усогласување од 1.600 денари на минималната плата, претседателот на ССМ одговори:

„За жал на минатата седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) од страна на социјалните партнери беше направен обид на мала врата да ја усогласат минималната плата само за 1.667 денари, затоа што тие сметаат дека тоа им е доволно на работниците. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја напушти седницата затоа што има одлука да бара 600 евра минимална плата и за најмалку 6.000 денари зголемување на сите останати работнички плати.

По нашето напуштање на седницата немаше кворум за носење на било какво одлука за било какво усогласување или утврдување на износот на минимална плата и затоа нејасно е како изјавуваат лесно дека тие ќе ја утврдат висината на минималната плата согласно законските критериуми. Согласно Закон потребно е мислење на Економско-социјалниот совет на кое треба да гласаат социјалните партнери, а за да функционира Економско-социјалниот совет треба да има претставници од сите репрезентативни организации и на работниците и на работодавачите. Сметаме дека во месец март мора да се зголеми минималната плата, затоа што тие не ја даваат, туку затоа што ние како работници ја заработуваме и затоа што им заработуваме многу повеќе од тоа што тие не плаќаат“, кажа претседателот на ССМ.