Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, остро реагираше на изјавите од Владата дека иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати е „неуставна“ и „политикантска“, оценувајќи дека ваквите ставови покажуваат поголема грижа за примањата на функционерите отколку за платите и стандардот на работниците.
Според Трендафилов, предлогот на ССМ е и уставен и законски издржан. Тој појасни дека со промена на основицата за пресметка на функционерските плати од просечна на минимална плата би се постигнало намалување од околу 40 отсто, а со дополнително намалување на коефициентите за сложеност за уште 40 отсто, вкупното намалување би изнесувало околу 80 проценти. Како што наведе, токму толку изнесува и зголемувањето на функционерските плати што произлезе од претходните одлуки.
„Ако зголемувањето на платите од 78 отсто било дозволено, тогаш е нејасно зошто нивното враќање на претходното ниво одеднаш станува неуставно“, посочи Трендафилов, прашувајќи како е можно намалувањето на коефициентите за да не им се зголемат платите на функционерите да се смета за уставно, а нивното намалување за реално намалување на примањата да се оценува како спротивно на Уставот.
Тој потсети дека токму одлуките на Уставниот суд во минатото доведоа до енормен раст на функционерските плати, откако беше укината уредбата за замрзнување на коефициентите. Во исто време, предупреди дека последните владини уредби повторно ги отвораат истите ризици, бидејќи доколку бидат укинати, функционерите би можеле ретроактивно да добијат ново зголемување од над 12 отсто, согласно растот на просечната плата.
Паралелно со намалувањето на функционерските плати, ССМ бара итно зголемување на минималната плата на 600 евра, како и раст на останатите плати за најмалку 6.000 денари или за износот што произлегува од разликата меѓу сегашната и новата минимална плата. Според Трендафилов, тоа е единствениот начин реално да се заштитат интересите на работниците.
„Клучното прашање е дали притисоците работниците да се откажат од уставно загарантирани права се темелат на Уставот или на желбите на поединци во Владата. Не може за функционерите да се бара решение што ќе опстои, а од работниците да се очекува сами да се откажат од права што не смеат да бидат укинати ниту со закон, ниту со колективен договор“, порача Трендафилов.