„Минималната плата од јануари треба да се зголеми на сите вработени во државата на најмалку 600 евра. Зошто? Затоа што владите во регионот го послушаа Сојузот на синдикатите на Македонија. Во Албанија минималната плата од јануари – 500 евра, во Косово – 430 од јануари, а од јуни 500 евра, во Србија – 550 евра, да не зборуваме за Босна и Херцеговина“, порачува претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов за работничкиот стандард во државата и темата со минималецот.
За ставот околу потрошувачките кошнички и намерата на Владата за пресметката, Трендафилов во интервју за РСЕ истакнува дека надлежните сакаат да воведат некоја нова вредност на некоја просечна владина кошничка да им укажат на граѓаните и работниците како треба да живеат, што да пазарат, како да ги хранат семејствата.
-Разликите се огромни. Ако нашата минимална синдикална кошничка има вредност од 65.000 денари, што не се доволни за едно четиричлено семејство, нивната веројатно треба да биде над 100.000 денари за да ја отслика просечната потреба на семејствата во Македонија. Но, интенцијата не им е тоа, интенцијата им е да покажат дека „добро“ се живее со ваквите мизерни работнички плати, порачува првиот синдикалец во државата.