Трендафилов: Живко Митревски е гробарот на работничкото движење и работничките права

Сите правни постапки за смената на Живко Митревски од функцијата претседател на ССМ се завршени правно, а неговата легитимна смена е потврдена уште во 2017 година одговори на прашање на Локално, Трендафилов

од Љубиша Владимиров
363 прегледи

Сите правни постапки за смената на Живко Митревски од функцијата претседател на ССМ се завршени правно, а неговата легитимна смена е потврдена уште во 2017 година, кога јас не бев ниту претендент, ниту кандидат, ниту негов наследник за претседател на ССМ, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во одговор на прашање на „Локално“.

Првиот синдикалец тврди дека смената на претпоследниот претседател на ССМ, Живко Митревски, била донесена со одлука на делегатите на конгресот и членовите на Советот на Сојузот на синдикати.

„Сите правни постапки за смената на Живко Митревски од функцијата претседател на ССМ се завршени правно, а неговата легитимна смена е потврдена уште во 2017 година, кога јас не бев ниту претендент, ниту кандидат, ниту негов наследник за претседател на ССМ. Делегатите на конгресот и членовите на Советот на Сојузот на синдикати одлучија дека тој не е достоен да ја извршува функцијата претседател на Сојузот бидејќи ги распродавал работничките интереси“, изјави Трендафилов.

Во однос на тврдењата на Митревски дека целосно е погрешна и погубна методологијата потпишана од сегашното раководство на ССМ, Трендафилов одговара дека Живко Митревски работи во интерес на други страни, а не во интерес на работниците, алудирајќи на тоа дека поранешниот претседател на Сојузот е заинтересиран само за функцијата.

„Живко Митревски не смее да каже ништо за да не им згреши на тие што го испратиле, па сега го поддржуваат и го вадат од нафталин за да го напаѓа Сојузот на синдикати. Претходно напаѓаше еден друг претседател, утре ќе биде некој друг на местото на Слободан, и него исто така ќе го напаѓа. Не слушнав дека зборува за платите на работниците, не слушнав дека предложи нешто за подобрување на нивниот работен стандард. Слушнав само – функцијата. Минатиот пат му ја симнавме фотелјата, нека даде адреса за да му ја испратиме. Минималната плата не е потпишана, таа е утврдена со закон, и за еден таков доктор на науки, експерт, тоа треба да биде основно правно познавање“, изјави Трендафилов.

Тој нагласува дека работењето на Митревски е главната причина зошто денес тој не е легитимен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија. Според Трендафилов, Митревски, поради својот начин на работење – против работниците, денес не е дел од ССМ.

„Доколку Митревски беше легитимен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, денес ќе седеше на оваа маса, ќе зборуваше од седиштето на Работничкиот дом и ќе кажуваше што ќе направи за работниците. Да не заборавиме, токму работниците го избркаа од овој дом затоа што не се грижеше за нивните работнички права, туку за интересите на политичарите и како да им удоволи. Веројатно тоа е неговиот единствен интерес. Може да зборува што сака, да прави што сака, но ССМ последен пат коментира за било какви активности поврзани со овој човек, кој е гробарот на работничкото движење и работничките права во Македонија“, завршува Трендафилов.

Д.Ѓ

Слични содржини