Тренерот на Феенорд, Арне Слот, тешко можеше да го скрие разочарувањето по поразот во финалето на Лигата на конференциите. Гигантите од Ротердам загубија со 0-1 од Рома, иако упатија повеќе удари кон голот и двапати ја погодија гредата.
„За време на паузата им кажав на играчите дека треба да играат подобро. И тие го направија тоа. На почетокот на вториот дел создадовме неколку ситуации, но на вакви натпревари ни треба среќа, а таа денеска ни побегна. Имавме време и ситуации да постигнеме гол, но тоа никогаш не се случи. Можеби тоа е заслуга на противникот“, изјави Слот.
„Во претходните кола успевавме да направиме пресврт на натпреварите, но сега имавме тим предводен од Жозе Мурињо. Жал ми е што нема да можеме да го однесеме трофејот во Ротердам, но горд сум на нашиот настап“, додаде Слот.
Феенорд е европски клупски шампион од 1970 година, а исто така двапати го освои Купот на УЕФА (1974, 2002).