Тренерот на Милан во шок, Ибрахимовиќ зборуваше место него

од Vladimir Zorba
98 прегледи

По победата на Милан над Верона од 1:0, пред ТВ камерите не застана тренерот на „росонерите“, Серхио Консеикао, туку клупскиот советник Златан Ибрахимовиќ. Причината беше што за време на натпреварот португалскиот стручњак дозна за смртта на поранешниот претседател на неговиот поранешен тим Порто – Пинто да Коста, со кој имаше многу блиски односи.

„Тренерот остана во соблекувалната бидејќи беше шокиран од смртта на претседателот на Порто, кој му беше како татко. Затоа сум тука“, објасни Ибрахимовиќ пред да го прокоментира натпреварот со Верона.

Тој го истакна настапот на новото засилување Сантијаго Хименез, кој го постигна победничкиот гол. Фудбалерот постигна гол во вториот последователен натпревар, со што стана само третиот играч на „црвено-црните“ во „ерата на три поени“ кој постигнал гол во првите два настапи во Серија „А“. Пред него истото го направија Андриј Шевченко и Кристијан Пулишиќ.

„Очекував работите да одат толку добро бидејќи Хименез е играч кој сака да постигнува голови. Не е лесно да се пристигне во италијанскиот фудбал како странец, но ние му помагаме да се смири и чекор по чекор да стане посилен“, истакна Швеѓанецот.

„Ова е многу важна победа. Вистина е дека постигнавме само еден гол, но доминиравме цело време. Со сета почит кон играчите на Верона, тие дојдоа на „Сан Сиро“ само да се бранат и не е лесно да се игра против толку добро организиран тим“, изјави Ибрахимовиќ.

Слични содржини