Дефанзивецот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд е се поблиску до потпис со Реал Мадрид, а шпанскиот клуб веќе му испратил официјална понуда, пишува на социјалните мрежи трансфер експертот Фабрицио Романо.
„Александар-Арнолд и Реал Мадрид се поблиску откако беа објавени контактите пред една година. Од Реал веќе е испратена официјална понуда за договор до Трент и неговиот тим“, се вели во информацијата и се додава: „Во тек се преговори за деталите од договорот. Сите инволвирани страни се уверени дека ќе се постигне договор“.
Трент Александер-Арнолд веќе ги договорил условите за неговиот иден трансфер во Реал Мадрид, објавија извори, пренесува агенцијата dpa.
26-годишниот дефанзивец ќе му се приклучи на шпанскиот гигант на слободен трансфер откако неговиот договор со Ливерпул истекува на крајот од сезоната. Неговиот договор со Реал ќе биде на пет години вреден повеќе од 285.000 долари неделно.
Александар-Арнолд, кој помина повеќе од две децении во Ливерпул, од јануари може слободно да преговара со други тимови. Дебито на дефанзивецот во сениорскиот тим од Мерсисајд беше како 18-годишник во 2016 година.
Тој е меѓу тројцата клучни играчи во актуелниот тим на Ливерпул чии договори истекуваа во јули, заедно со Мохамед Салах и Вирџил ван Дајк, чија иднина се уште е нејасна.
Засега од Ливерпул одбиваат да ја коментираат информацијата.