Трет ден потрага по исчезнатата Вања

од Nikola Popovski
264 прегледи

Потрагата по 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје сè уште трае, но засега нема никакви информации каде е девојчето.

Полицијата објави нејзина фотографија и опис во билтенот за исчезнати. МВР ги истражува сите можни мотиви и причини за нејзиното исчезнување.

Фотографии од девојчето се залепени во центарот на градот со надеж дека некој од минувачите ќе се присети на каква било информација.

Последниот сигнал кој бил забележан од нејзиниот телефон бил лоциран на Партизанска спроти Универзалната сала.

Вања во училиште заминала завчера изутрина во 7.20 часот а веќе во 7.35 била недостапна.

Случајот со Вања го актуелизираше прашањето за брзината со која службите работат на ваквите случаи и кои се механизмите кои граѓаните ги имаат на располагање. Во земјава речиси почна да функционира системот „Најди ме“, по примерот на таканаречениот „Амбер алерт“ кој итно ја известува јавноста кога ќе исчезне дете.

На веб-страницата „najdime.org.mk“ во моментов може да се постави профил на исчезнато лице, се пополнува една форма апликација и откако ќе се потврди дека лицето е исчезнато и е пријавено во МВР, ја објавуваат информацијата и ја споделуваат со сите чинители кои можат да помогнат во потрагата.

Покрај на социјалните мрежи, во иднина ќе бидат партнери-соработници и компаниите, такси-службите, јавниот градски превоз, бизнисните како банките кои на банкоматите можст да ја споделат информацијата, медиумите, хотелите на шалтерите на вработените, на аеродромите. Тоа ќе биде начинот на кој јавноста побрзо ќе дојде до информацијата дека некое лице исчезнало и за да се дојде до потребните информации.

Слични содржини