Во Бугарија денеска се одржуваат парламентарни и претседателски избори, а поранешниот премиер, Бојко Борисов иако добива најголема поддршка, има малку сојузници
Мнозинството граѓани на нашиот источен сосед се надеваат дека конечно ќе се формира влада која пред себе има три главни цели. Тоа се борбата против пандемијата на коронавирус, искоренувањето на корупцијата и решението за поскапување на енергенсите пред доаѓањето на зимата.
Голем притисок
Според Ројтерс, можното отсуство на формирање влада и по овие избори значително ќе ги забави плановите на официјалните лица во Софија за воведување на еврото како валута во 2024 година.
Според последните истражувања на јавното мислење, најголема поддршка од гласачите има партијата на десниот центар ГЕРБ, чиј лидер е поранешниот премиер Бојко Борисов, со 24 отсто. Сепак, Борисов има слаб коалициски потенцијал и малку сојузници.
Гласачите се надеваат дека по изборите ќе може да се формира одржлива коалиција и дека нема да има дополнителни судири меѓу партиите, како по изборите во јули и април. Во Бугарија со месеци владее привремена влада.
– Две работи ќе бидат сигурни по изборите. Нема да има јасни мнозинства во парламентот и нема да биде полесно да се формира влада, како по претходните избори. Се врши голем притисок врз политичарите да ги остават настрана разликите, бидејќи земјата не смее по трет пат да остане без влада, вели Борјана Димитрова, аналитичар од Истражувачкиот центар „Алфа“.
Корупција и сиромаштија
Една од опциите е да се создаде коалиција на партии кои ја истакнаа борбата против корупцијата како своја примарна цел, а социјалистите би можеле да им се придружат.
– Потенцијалната соработка меѓу Социјалистичката партија и таканаречените „Протестни партии“ може да биде решение за владината криза, тврди Андриус Турса од консултантската компанија „Тенео“.
Корупцијата е главната причина за сиромаштијата во земјата која има околу седум милиони жители. Бугарскиот БДП е само 55% од просечниот БДП во остатокот од Европската унија.