Новозаразениот пациент од Велес кој боледува од конго-кримска треска е во добра општа состојба. Се жалел на покачени температури, главоболка и болка во мускулите, по што побарал лекарска помош, вели директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ за третиот случај на болеста во земјава.
Денешните анализи, како што вели докторката, се уредни, но тоа не значи дека нема да има развој на болеста. Пациентот е стабилен и се следи.
Стевановиќ обелодени дека можниот начин на зараза е рибарењето на велешанецот покрај еден дел од реката Вардар, каде што има големи трња, влага, високи треви и е непроодно.
Епидемиолозите како и ветеринарната служба се вклучени во ова епидемиолошко следење на конго-кримска треска за нивно испитување натаму, рече д-р Стевановиќ и најави дека во текот на утрешниот ден ќе ги дадат сите детали за случајот.
На новинарско прашање дали бил каснат од крлеж, таа рече дека крлежот ја пренесува оваа треска, ама пациентот свесно не се сеќава дали бил каснат, но има рана која наведува на тоа. Конго-кримската треска, рече таа, ја пренесува крлеж, но може и да се пренесе преку несоодветно третирано млеко или месо од заразени животни, и најчесто се јавува кај сточари, риболовци, ловџии и здравствени работници.
Директорката на Клиниката за инфективни болести додаде дека циклусите во природата се јавуваат повремено и дека веднаш после првиот случај кај нас, и во Албанија се појави пациент со конго-кримска треска.
Ова е трет регистриран случај, откако минатиот месец беше откриен кај 27-годишната штипјанка која почина брзо по дијагностицирањето на вирусот.
На болничко лекување е болничарка од Инфективната клиника која прима антивирусна терапија и според последните податоци е во стабилна здравствена состојба.