Третиот Преспа форум за дијалог почнува денес во Струга: Доаѓаат Милановиќ, Милатовиќ, Абазовиќ и Курти

од Nikola Popovski
994 прегледи

Третиот „Преспа форум за дијалог“ ќе се одржи во наредните три дена во Струга, на петгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, со учество на повеќе претседатели и премиери од регионот, соопшти Министерството за надворешни работи.

Фокусот на годинешниот форум во Преспа ќе биде потребата од единство и стабилност во Европа, како и можноста за забрзана интеграција во Европската унија на оние европски земји кои се надвор од блокот, соопштија од Министерството предводено од Бујар Османи.

-На овогодинешниот Форум ќе разговараме како е можно таа мисија да биде исполнета до крајот на оваа деценија, информира Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски, како покровител на Форумот, ќе претседава со централната сесија на конференцијата „Пет години од Договорот од Преспа, предизвици кои создаваат можности“.

Учеството на третиот Форум за дијалог во Преспа го потврдија новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателите на Хрватска и Албанија, Зоран Милановиќ и Бајрам Бегај, како и премиерите на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Албин Курти.

На Форумот ќе учествуваат и министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, како и повеќе министри за европски прашања, меѓу кои Тања Мишевиќ од Србија, Мајлинда Дука од Албанија, Питер Бурк од Ирска, Мартин Дворжак од Чешка, како и претставници на меѓународни организации и граѓански сектор.

Слични содржини