Најновото, трето крило на Алијансата за Албанците преку соопштение објави формирање на привремен Координативен совет, кој ќе го води вицепремиерот и член на партијата, Арбен Фетаи како координатор. Оваа акција, како што е наведено, е „спротивна на едностраните дејствија и надвор од законските рамки на актуелниот претседател на партијата, Арбен Таравари“.
Во соопштението за медиумите, потпишано од Фетаи како претседател и координатор на собранието, се нагласува дека преземените дејствија без консултација со надлежните органи предизвикале голема неизвесност и загриженост, не само кај мнозинството од членството, туку и кај поширокото јавно мислење.
„Алијансата за Албанците го потврдува своето континуирано учество во Владата како дел од коалицијата ВЛЕН во својство на рамноправен партнер и со пропорционална застапеност со другите партии вклучени во оваа соработка.
Донесена е одлука за создавање нов претставнички тим, кој официјално ќе ја претставува Алијансата за Албанците во сите структури и процеси на донесување одлуки на коалицијата ВЛЕН.
Целта на овие мерки е да се зачува интегритетот на партијата, да се почитува волјата на мнозинството и да се гарантира демократско и транспарентно функционирање на партиските структури“, се нагласува во соопштението.
Покрај ова крило, Алијанса е поделена и на крилото на Арбен Таравари кој го напушти владеачкото мнозинство, како и на членовите и симпатизерите предводени од Зијадин Села кои се дел од опозициската коалиција Европски фронт.