ЗНАМ го нападна ВЛЕН, па се повлекува – така може да се сфати ретерирањето на портпаролот на движењето, Никола Мемов кој вчера се дообјаснуваше откако најпрвин ги обвини коалициските партнери за недоволна соработка во главниот град и слабата поддршка на нивните гласачи за идниот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
За дел од јавноста, договарањата за поддршка меѓу партии кои се веќе партнери во централната власт е логична, бидејќи партиите постојат за да се борат да ја добијат власта. Тензии и надмудрувања исто така не се нешто неочекувано. Меѓутоа, како што вели аналитичарот Александар Илиев, што и да се договараат партските лидери сепак на крај граѓаните се оние кои треба да одлучат дали за оној за кого гласаат е најдобриот избор за нив.
-Предизвиците во владината коалиција може да ги има на локално ниво во повеќе општини. После овие избори ВЛЕН ја зголеми својата политичка тежина, додека ЗНАМ во основа го задржа она што веќе го имаше и доби поголемо влијание и видливост во општините каде што доби советници. ВМРО ДПМНЕ е голем победник на овие избори и исто така значајно ја зголеми својата политичка моќ. Оттука, може да се каже дека сите коалициски партнери добија, но некои добија повеќе. Тие поместувања во политичката моќ секако може да донесе предизвици за нивните односи особено на локално ниво. Лидерите на партиите во власта се оние кои ќе треба да ги редефинираат односите и начинот на соработка после изборите, истакнува Илиев во разговор за „Локално“.
За наводните задкулисни игри во Карпош и Струмица, односно дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „се договориле“ со цел Центар да остане во рацете на опозициската партија, Илиев смета дека несомнено Струмица и Карпош се круната, заедно со Кичево.

Александар Илиев/Фото: Принтскрин
-Стевче Јакимовски беше заеднички ривал и доколку имало работа во иста насока на ВМРО и СДСМ тоа не е несфатливо туку и логично. Со поразот на Стевче ДПМНЕ ја добива општината, а СДСМ добива можност да си врати дел од гласачите во општина Карпош на следните избори.
Причините за исходот во Центар може да бидат повеќе.Во Центар имаше разлика меѓу поддршката која ја доби Орце Ѓорѓиевски и Мирослав Лабудовиќ од околу 1000 гласови. Исто така факт е дека Центар е општина во која СДСМ победуваше и за време на власта на Груевски. Не треба да се занемари фактот дека и ДПМНЕ изгуби во Центар од Левица со околу 900 гласови. Оттука Центар се покажа како општина во која Левица го победи ДПМНЕ, а СДСМ го победи ЗНАМ. Дури и да имало дел од гласачкото тело на ДПМНЕ кои навивале за Герасимовски, тоа не е одлучувачки фактор за исходот, посочува соговорникот.
За Струмица, Илиев оценува дека беше тешка задача за СДСМ бидејќи после 20 години владеење во Струмица не понудија нови лица на изборите. Според него, на национално ниво беше јасно дека ДПМНЕ е победникот и тоа имаше влијание врз исходот.
Масовно враќање на гласачи од дијаспората пред се од Швајцарија имаа значајна улога во исходот во Струмица. Доколку се споредат добиените гласови на парламентарните избори и добиените гласови за советнички листи, во Струмица ВМРО-ДПМНЕ имаше пад од околу 800 гласови, СДСМ од околу 300, Левица од 600 гласови, ЗНАМ од 180 гласови. Тоа покажува дека во Струмица немало „продажба на гласови“ туку сите партии се бореле и имале пад на гласовите поради намалената излезност како и прелевање на дел од гласови во независната листа на „СТИГА Е“ која освои 1021 глас, објаснува аналитичарот.
Соговорникот додава и дека за големите партии малата излезност не е проблем туку напротив им обезбедува успех. Големите партии, како што вели, се фокусирани на легалноста, а не на легитимноста.
-Малата излезност е проблем за новите партии и за независните листи. Малата излезност покажува недоверба кон демократскиот процес. Голем дел од граѓаните не гласаат бидејќи не препознале политичка опција на која и веруваат дека се бори за подобра иднина или сметаат дека политичка опција нема шанса за успех на изборите. Оваа состојба зборува негативно за демократските компетенции на граѓаните, квалитетот на образованието и слободата и професионалноста на медиумите, заклучува Илиев.
Дел од јавноста е зачудена за забелешката на ЗНАМ, со оглед дека општ впечаток е дека ВМРО и ВРЕДИ многу синхронизирано си се помогнаа на овие избори таму каде што имаше потреба. Во Скопје воопшто не беше неопходна поддршката на кандидатот Орце Ѓорѓиевски, констатира аналитичарот Даут Даути.
-Влен, на некој начин, дури се избламира пред своите гласачи заради взаемното помагање со ВМРО кога буквално се откажаа од нивниот градоначалнички кандидат за Брвеница! Сликата е поширока од „скопската магла“, со цел да се порази нивниот заеднички „непријател“ ДУИ во Кичево и Струга, Тетово и Чаир, и таа „операција“ е успешна.
Релативно е како ќе ја наречема оваа дали „трговија“ на гласови, или нормална соработка на партии кои се во коалиција. Тоа не е ни прв ни последен пат, без разлика дали соработката ќе биде зад завеса или јавна. Иако од ВМРО после првиот круг, лидерот на ВМРО велеше дека многу дале, а не добиле ништо, во практиката главно си ја постигнаа заедничката цел: ВМРО да го порази ДУИ каде што му е најсензитивно, а Вреди да однесе непланирана голема победа за градоначалници и да му го оспорат токму легитиметот, кој ДУИ го наметна во кампањата. Што би посакале повеќе?
После се, дали е оваа во корист на граѓаните, ќе се види дали избраните се навистина успешни менаџери на проблемите на општините или ќе останат до крај лојални на партиите и ќе спроведат политики повеќе во нивен интерес, вели Даути во разговор за „Локално“.
Соговорникот не гледа проблеми во владината коалиција после ваква победа. Уште еднаш потенцира дека целите си ги постигнаа и сега можат да го истераат мандатот до крај.

Даут Даути/Фото: Архива
-ВМРО нема потреба да бара некаква отчет за нешто од коалиционите партнери, кога постигнаа и повеќе од планираното. Од друга страна, може да има проблеми во коалициите поради оние причини заради кои постојат албанските партии, да ги штитат интересите на нивните сонародници. На коалицијата ВРЕДИ од поодамна е запален знакот на аларм не како нивните градоначалници ќе се покажат на локално ниво, туку како ќе тече „назадувањето“ на прашањата од етнички карактер, за што има огромен притисок не само од критички настроени медиуми за досегашната „попустливост“, туку дури и од огромен дел на нивните гласачи кои тука не сакаат да гледаат натамошна деградација и тука партиите на ВРЕДИ се на спротивни позиции со ВМРО и ЗНАМ по прашањата на јазикот па дури и за Бадентер, како проблем во најава, оценува Даути.
За ниската излезност и легитимитетот што произлегува од него, аналитичарот вели дека проблемот може да е посериозен од самиот бојкот. Според него, постојано говориме за процесот на заминување во странство, се повикуваме на некакви податоци на Светската банка, а самите немаме точна бројка на луѓе кои се иселени од земјата заради социјални и економски причини и тука по него е главната причина за неисполнување на цензусот во некои општини од првиот круг.
-За цели преполовени села не е ништо ново, имаме градови каде што тој процес се одразува драматично, како што беше овој пат случај со Гостивар. Може да има и извесна демотивација на гласачите поради „токсичноста“ на кампањата, од повторувањето на едни исти прашања, од неисполнувањето на претходните ветувања, но сметам дека како мало општество, тешко е да истрпиме таков одлив на население надвор од земјата и тоа е главната причина и за паднатиот „легитимитет“, нагласува Даути.
ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори, освојувајќи 54 општини и Градот Скопје. Ваквите резултати се потврда дека граѓаните ја препознале искрената намера на партијата да ја обнови државата, децидни се во „Белата палата“. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија доживеа тежок пораз, освојувајќи само шест општини, околу 126 илјади гласови и 230 советници. „СДСМ е трета партија во државата, зад нашиот владин коалициски партнер ВРЕДИ. СДСМ на ова ниво никогаш не биле“, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Манасиевски.
Од партијата на Венко Филипче тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ, за само нешто повеќе од една година, изгуби дури 140.000 гласачи, и ниту еден спин или лага не може да го побие овој факт.
„Пирова им е победата, затоа што граѓаните јасно ги препознаа нивните погрешни политики на секое поле. СДСМ останува најсилната опозициска партија, и покрај сите обиди на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, ЗНАМ, да го негираат тоа“, возвратија од „Бихаќка“.
Од коалицијата ВЛЕН велат дека локалните избори запечатија нова политичка реалност во Македонија. Коалицијата излегува од овој процес како втора политичка сила на државно ниво, со 10 освоени општини, и како апсолутен победник во албанскиот табор. Оттаму посочија дека тоа е епохална промена во политичкото претставување на Албанците. По 23 години доминација на политика која беше отсечена од граѓанинот, Албанците избраа нов модел, политика на одговорност, децидни се во ВЛЕН.
Н.П.