Три пати зголемено производство сончоглед од лани, новите договори ќе бидат со гарантирана цена

од Vladimir Zorba

Успешно заврши проектот Договорно производство на сончоглед 2019 во организација на Асоцијацијата на производители на сончоглед, откупувачот – Фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес и Владата. Според податоците на откупувачот, годинава се откупени три пати повеќе сончоглед од минатата година, пренесе Агротим.

-Лани откупивме 2.300 тони, годинава со договорното производство имаме околу 7000 тони сончоглед од домашно производство. Задоволни сме од откупот, заштедивме девизи за увоз, а не охрабрија и земјоделците со желбата да сеат и полека да го враќаме сончогледот на македонските ниви – изјави Горанчо Лазов, генерален директор на АД „Благој Ѓорев“.

Земјоделците се задоволни од соработката со откупувачот „Благој Ѓорев“ за која велат дека била коректна и согласно договорот.
-Годинава имавме зголемен интерес за сеење на сончоглед поради сигурниот пласман но и зголемените субвенции од страна на државата која ни излезе во пресрет на нашите барања. Уште малку повеќе да не послужеше времето, годинава ќе имавме рекордни приноси – вели Никола Петковски, претседател на Асоцијацијата на производители на сончоглед.

Со ова позитивно искуство од реколта 2019, работната група ја најавува новата кампања на Договорно производство за 2020 година.

– Ќе одржуваме трибини, средби со земјоделците во цела држава каде што успева оваа култура и ќе разговараме како до повисоки приноси и подобар квалитет. Разговараме со г-динот Лазов, во договорите да има и загарантирана цена под која нема да може да се оди. Доколку на берзата цената е повисока тогаш да се доплати до берзанската цена. Сметам дека ова ќе значи уште поголем мотив за производителите заедно со значително зголемените субвенции за сончоглед од страна на државата – изјави Ленче Николовска од Агротим.мк – специјализирана платформа за информации од агркомплексот и агроберза.

Во работната група за Договорното производство на сончоглед е вклучена и фирмата „Биспромет Агроцентар“ од Битола преку авансирање на семе и останати репроматеријали во соработка со откупувачот- Благој Ѓорев.

-Во соработка со „Благој Ѓорев“, ќе им дадеме на земјоделските производители семенски материјал и други репроматеријали на одложено плаќање. Нашите семиња се висококвалитен, од познати еропски и светски семенарски куќи , докажани во светот кои гарантираат висок и квалитетен принос. Особено е важно што сортите се прилагодени на нашите климатски и почвени услови со цел земјоделците да добијат висок принос и да заработат од производството- вели Никола Ѓероски, директор на „Биспромет Агроцентар“.

Кампањата ќе стартува следната недела со трибина во Битола, а потоа средби со земјоделците ќе има и во Прилеп, Свети Николе, Велес, Куманово, Битола и други региони каде што успеава сончогледот.

Слични содржини