Врската со партнерот може да се спореди со цврсто изградена куќа, а првиот чекор во тој процес е создавање на „љубовна мапа“ – концепт кој симболизира длабоко разбирање на мислите, чувствата и потребите на вашиот партнер, тврди психологот Марк Траверс. Тој објаснува како познавањето на овие детали ја формира основата за долготрајна, квалитетна врска.
Значи, ова се три клучни прашања кои можат да ни помогнат да ја изградиме и зајакнеме таа мапа, поточно три прашања на кои добрите партнери треба да можат да одговорат, според Траверс.
1. Кој е најдобриот пријател на вашиот партнер и зошто?
„Дали знаете кому му се обраќа вашиот партнер кога има важни вести, добри или лоши? Нивните најдобри пријатели се клучен дел од нивниот систем за емоционална поддршка, а разбирањето на таа врска може да помогне и во вашата врска. Пријателствата не само што влијаат на личната благосостојба, туку се поврзани и со романтичните врски – особено во тешки времиња. „Препознавајќи ја оваа улога, покажувате почит кон емотивниот свет на вашиот партнер и вредностите што ги одразуваат нивните блиски односи“, објаснува Траверс за Psychology Today.
2. Како се опуштаат после напорниот ден?
Познавањето на рутината на вашиот партнер по стресен ден ни дава увид во неговите потреби и како тие го одржуваат внатрешниот мир. „Можеби им треба момент на осаменост, време за разговор или омилен филм. Со разбирање на овие детали, можете да им помогнете да се релаксираат, обезбедувајќи им поддршка или простор кога им е потребно. Така ќе изградите чувство на сигурност и стабилност во врската“, вели психологот.
3. Кој е нивниот најголем сон?
„Дали знаете што значи успех за вашиот партнер? Дали е поврзан со кариерата, семејството или личните цели? Соништата се интимен дел на секој поединец и нивната поддршка во нивното остварување дополнително ги поврзува партнерите. Кога ги споделувате овие визии и избегнувате конфликти околу нив ја зајакнувате меѓусебната доверба и хармонијата“, тврди психологот.
Одговорите на овие прашања одразуваат колку добро ги познаваме и разбираме нашите партнери, што е клучна компонента на здрава и среќна врска.
„Покажете им колку се грижите за нивната среќа и исполнетост, бидејќи да се сака некого значи да се разбере и почитува она што ги прави уникатни“, заклучи психологот.