Три сина и четири внуци на политичкиот лидер на Хамас беа убиени во израелски напад

од Vladimir Zorba
270 прегледи

Исмаил Ханија, политичкиот лидер на Хамас, потврди дека тројца од неговите синови и четворица негови внуци биле убиени во израелски воздушен напад во Појасот Газа.

Медиумите поврзани со Хамас објавија дека автомобил со неговите синови бил погоден во кампот Ал Шати во близина на градот Газа.

Ханија рече дека загубата на животите на неговите синови нема да ги промени барањата на Хамас во разговорите за прекин на огнот.

Израелската војска тврди дека сите тројца синови на Ханија биле членови на военото крило на Хамас.

Синовите на Исмаил Ханија наводно отишле на семејна веселба по повод првиот ден од муслиманскиот празник Бајрам.

Ханија изјави за „Ал Џезира“ дека неговите три сина – Хазем, Амир и Мухамед – останале во Газа за време на војната.

Последователно соопштение на Хамас рече дека четири од внуците на Ханија – Мона, Амал, Калид и Разан – исто така биле убиени во, како што го опишаа како „кукавички“ напад од Израел.

Синовите на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија

Синовите на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија

Ханија рече дека ја слушнал веста додека ги посетил ранетите Палестинци кои биле однесени на лекување во Доха, главниот град на Катар.

Во Доха живее и Исмаил Ханија.

„Непријателот е во заблуда ако мислат дека убиството на моите синови, за време на екот на преговорите за [прекин на огнот], ќе го принуди Хамас да ја смени позицијата“, изјави тој за „Ал Џезира“.

Во коментарите објавени на каналот Телеграм на Хамас, тој му се заблагодари на Бога за „честа“ што му беше дадена со, како што рече, „мачеништвото на моите деца и внуци“.

Израелската армија објави дека „елиминирала тројца оперативци на военото крило на Хамас во централниот дел на Појасот Газа“, додавајќи дека тие се синови на Исмаил Ханија.

Во израелското соопштение не се споменува смртта на внуците на Ханија.

Слични содржини