Три жени планираат да го тужат контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт за наводно силување и злоупотреба. Тврдат дека трпеле физички и психички последици кои ги спречувале неколку години да работат или да живеат нормален живот.
Тие прво се пожалиле во полиција пред осум години, но велат дека детективите не ги истражиле соодветно наводите пред да го отфрлат случајот.
„Гледањето на порастот на популарноста и влијанието на Ендрју Тејт, додека знаевме кој е тој и што направил, беше исклучително тешко за нас кои бевме сексуално и физички злоставувани од него. Имаме намера да докажеме на суд дека Ендрју е насилен … и дека неговите јавни изјави за жените не се ништо повеќе од фантазија“, рече една од жените.
Тејт ги отфрли обвинувањата
Жените, во доцните 20-ти или раните 30-ти, работеле како модели за Тејт во Лутон од 2013 година наваму и тврдат дека биле малтретирани, недоволно платени и им се заканувале дека ќе ги спречат да одат во полиција, пишува Sky News.
„Нивните наводи вклучуваат силување, сексуални и физички напади, вклучително и држење пиштол на главите, давење со појас, обвинувања за најгрозоморни дејствија против жените“, рече нивниот адвокат Мет Јури.
Тејт ги негираше нивните обвинувања и преку својот адвокатски тим рече дека „сакале пари бидејќи тој ги отпуштил“.
Полицијата во Хертфордшир почна да ги истражува наводите на жените во 2015 година и три пати го уапси Тејт под сомнение дека силувал две жени и нападнал трета. Случајот е отфрлен по четири години, а полицијата се извини за бавната истрага.