Трифонов: Над 100.000 македонски граѓани добиле бугарски пасоши, а само 3504 се изјасниле како Бугари

од Nikola Popovski
312 прегледи

Ако Северна Македонија сака да биде дел од Европската Унија, нејзините граѓани мора да бидат слободни да се самоопределуваат, напиша лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов на својот Фејсбук профил.

Повод за неговата објава е официјалната информација на Државниот завод за статистика на Северна Македонија за пописот на населението во земјава.

„При објавувањето на резултатите Бугарите воопшто не беа споменати, а директорот на службата изјави дека тие ги претставуваат само етничките заедници кои се дел од македонскиот Устав.

При пописот во Северна Македонија само 3504 граѓани се изјасниле како Бугари, т.е. Бугари скоро и да нема. Сепак, повеќе од 100.000 бугарски пасоши се издадени на граѓани на Северна Македонија. Само во последните две години, кога светот беше затворен од пандемијата, бугарски пасоши добија 16.692 граѓани на Македонија, а според законите во Бугарија, државјанин на Македонија за да добие бугарски пасош, мора да го докаже бугарскиот корен. Па така, над 100.000 граѓани на Македонија ги докажуваат своите бугарски корени во Бугарија, а во Северна Македонија се плашат да се нарекуваат „Бугари“. Зошто во една нормална, европска земја, како што тврди Северна Македонија, човек би се плашел да каже што е тоа? Затоа што ова не е нормална, европска земја.

По логика, ако Северна Македонија сака да биде нормална, европска земја, т.е. за да бидат дел од Европската Унија, нејзините граѓани мора да можат слободно да се самоопределуваат и нивните права не смеат да бидат прекршени. Така што мое мислење е дека додека тоа не се случи, Северна Македонија едноставно ќе остане дел од Западен Балкан“, напиша Трифонов.

Според резултатите од пописот, бројките се: 54,25% од сите поброени лица се изјасниле како Македонци, 29,52% како Албанци, 3,98% како Турци, 1,18% како Срби, 0,87% како Бошњаци, a 0, 34% се попишале како Власи.

Слични содржини