Трифонов за инцидентот во Скопје: Мудриот бугарски народ има соодветна поговорка: „Со сила убавина не бива“

-„Умрете Бугари“ си останува и Македонците нема да го избришат“, вели лидерот на партијата ИТН по инцидентот со скршеното стакло на Бугарската амбасада

од Nikola Popovski
49 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/БНР

Лидерот на бугарската партија Има таков народ (ИТН) и политичар со контроверзни ставови, Слави Трифонов го прокоментирал кршењето на стаклото од влезната врата на Бугарската амбасада во Скопје. Тој смета дека во Македонија постои омраза кон Бугарија која, како што вели, трае со години и дека тој лично ја видел.

„Не знам дали знаете, но некое лице во Северна Македонија се приближило до стаклената влезна врата на бугарската дипломатска мисија во Скопјe, го скршило стаклото и си заминало. Тоа било снимено со безбедносни камери. Можеби ќе прашате: што е толку страшно, се работи за едно стакло. Па, да, но проблемот не е во скршеното стакло, туку во ставот. Обично сакате да го скршите стаклото на некој што не го сакате, или едноставно го мразите“, напишал Трифонов на социјалните мрежи.

Тој истакнал дека пред неколку години бил во Скопјe и никогаш нема да заборави колку бил шокиран кога, како што вели, видел огромен натпис спроти Бугарската амбасада во центарот на Скопје, на кој наводно било напишано „Умрете Бугари“.

„Оттогаш ништо не се промени. Раскажани се многу приказни, направени се многу обиди, главно од Бугарија, но нема подобрување во ставот на Македонците кон нас – и тоа е тоа. „Умрете Бугари“ си останува и Македонците нема да го избришат“, тврди лидерот на ИТН кој во својата објава продолжува со своите контроверзни и провокаторски ставови кон Македонија.

„Па, во ред. Ако не сакате – во ред. Мудриот бугарски народ има соодветна изрека: „Со сила убавина не бива“. Ако не сакате, ќе останете во Северна Македонија, ќе ги гледате глупавите, одвратни црни натписи, ќе кршите некое стакло од време на време, тајно ќе сонувате да имате бугарски пасоши, ќе доаѓате на море во Сончев Брег секогаш кога е можно, ќе ги праќате вашите деца да студираат во Бугарија и ќе ја гледате Европската Унија низ искривена макарона. Бидејќи, објективно кажано, токму тоа го заслужувате“, напишал Трифонов на Фејсбук.

Изолиран случај во кој е причинета мала материјална штета, вака македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски го коментира инцидентот пред Бугарската амбасада. Сепак, вели тој, Министерството за надворешни работи максимално го осудува овој инцидент.

Од бугарското Министерство за надворешни работи, пак, велат дека станувало збор за недозволив и дрзок напад брз дипломатско претставништво. Тврдат дека инцидентот е резултат на наводен системски недостиг на реакција од страна на македонските власти.

Слични содржини