Бизнисменот и поранешен сопственик на Еуростандард банка, Трифун Костовски преку својата редовна колумна објавена на социјалните мрежи побара веќе поранешната гувернерка на Народна Банка, Анита Ангеловска-Бежоска да одговара пред лицето на правдата.
„Причините за ваквиот мој став се следни: Цела година пред стечајот на Еуростандард банка, Народна банка, госпоѓата Бежоска го одзема правото за работа со правни и физички лица. Со одземено право за работа со правни и физички лица, банката беше ставена на одстрел. Токму во тој период госпоѓата Бежоска нѐ присили да се споиме со Комерцијална банка . Во моментот кога ја одбивме нејзината желба, изврши притисок врз моето семејство да се продаде осигурителната компанија Еуролинк и средствата од продажбата да се вложат во банката со цел истата да се докапитализира“, пишува Трифун Костовски.
Додава дека е направено тоа, меѓутоа очигледно, според него „намерите на госпоѓата Бежоска биле многу подлабоки и тенденциозни“.
„Инсистираше по секоја цена да обезбедиме странски инвеститор. Истиот го обезбедивме. Ги задоволуваше сите критериуми за влез во банката. Цели 3 месеци молевме за прием на потенцијалниот инвеститор, меѓутоа наместо госпоѓата Бежоска да разговара со потенцијалниот инвеститор, таа носи одлука за стечај на Еуростандард банка, на ден 12 август 2020 година“, додава Коствоски, надевајќи се дека ново избраниот гувернер, Трајко Славевски мора да направи длабока анализа за причините по кои Еуростандард банка беше однесена во стечај.