Дисциплинската комисија при Ракометната федерација на Македонија донесе одлуки по повод настаните што се случија по дерби дуелот од домашниот шампионат помеѓу екипите на Охрид и Еурофарм Пелистер.
Официјални суспензии добија ракометарот Дејан Манасков кој што ќе треба да одлежи тримесечна казна, додека пак, Крсте Андоновски (помошник тренер на Охрид) ќе го нема на три натпревари.
На двете екипи им е изречена парична казна од по 45.000 денари.
Ракометарот на Пелистер по завршувањето на мечот, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал Андоновски.
„На 14.12.2025 година во 20.20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.М. (33) ракометен играч од Скопје, член на ракометен клуб од Битола. Тој, по завршување на ракометен натпревар што, денеска се одржуваше во спортската сала „Биљанини Извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал К.А. помошен тренер на домашниот-охридскиот ракометен клуб. По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, известија вчера од Охридската полиција.