Трипуновски го нарече Николовски „путер“ и се пофали што добиле земјоделците откако тој е на функцијата

од Nikola Popovski
38 прегледи

„Се јави Путерот, но веројатно со жешкото време се растопил, па замириса на мувла и криминал, кој го крие. Слушај вака Љупчо, ти прво треба да им дадеш одговори на органите на прогонот за сите коруптивни договори кои ги имаш направено, а истрагите за кои ти се заглавени кај главниот обвинител Коцевски. Па за тоа го браневте во Собрание, да ве спасува“ – ова го порача министерот за земјоделство и шумарство, Цветан Трипуновски како реакција на објавата на неговиот претходник во истиот ресор, Љупчо Николовски.

Трипуновски притоа се пофали што било овозможено за земјоделците откако тој е на функцијата во Министерството.

„1. Исплатени се сите заостанати субвенции, кои не ги исплаќавте со години.

2. Земјата се распределува кај вистинските земјоделци, а не кај партиските пајташи на СДС кои потоа ја даваа во подзакуп на напатениот земјоделец и печалеа на негов грб.

3. Земјоделците имаат пристап до сите програми, но нема ликови од СДС кои од тоа ќаруваа.

4. Решен е откупот на сите култури, нема земјоделски производи кои скапуваат на нива како што беше пример во време на СДС.

5. Откупните цени се на историски максимум, и тука нема да пишувам фермани, зошто земјоделците знаат, а ти кој не си работел земјоделие никогаш немаш поимање.

6. Се инвестира во системи за наводнување.

7. Земјоделците имаат партнер во МЗШВ.

8. Имаме зголемување на производството на скоро сите земјоделски култури.

9. Имаме зголемување на извозот и девизниот прилив од продажба и извоз на земјоделски производи и преработки.

10. Земјоделците имаат предвидливост во земјоделските политики и можат слободно да планираат имвестиции на среден и долг рок“, вели Трипуновски и додава:

„Ти ова неможеш да го разбереш, зошто ниту си соодветно образован и никогаш не си работел земјоделство, а додека го водеше министерството, се водеше од бизнис интересот на Заевци и неколку фирми блиски до тебе“.

Претходно, поранешниот министер за земјоделство и пратеник од СДСМ ги осуди погрешните политики на актуелната влада предводена од ДПМНЕ, кои ја загрозуваат иднината на земјоделците и земјоделството во Македонија. Според Николовски, земјоделците се соочуваат со сериозни проблеми, од зголемени субвенции за големите компании до намалување на клучните програми за малите производители.

„ДПМНЕ ги зголеми субвенциите за големите фирми од 300.000 на 1 милион евра, но истовремено ги укина програмите за малите земјоделци, кои се сржта на земјоделската индустрија“, рече Николовски. Тој додаде дека во исто време, беше укината и авансната предвремена исплата на субвенциите од 30%, која беше воведена од СДСМ и беше пресудна за поддршка на земјоделците во тешките години. „Укинувањето на авансната исплата ги остави земјоделците во финансиска неизвесност“, истакна Николовски.

Дополнително, Николовски посочи дека под ДПМНЕ се намалува и буџетот за руралниот развој, кој беше 1,3 милијарди денари во 2023 година, но сега е преполовен на 650 милиони денари за 2025 година. „Овие намалувања директно ја загрозуваат иднината на руралните региони и ги погодуваат земјоделците кои зависат од оваа поддршка“, пишува Николовски.

Николовски го истакна и проблемот со рекордно ниските откупни цени на оризот и пченицата, што ги оптоварува земјоделците. „ДПМНЕ не успеа да обезбеди фер откупни цени за земјоделците“, пишува Николовски, додавајќи дека исто така министерството за земјоделство под водство на ДПМНЕ не го почитува Законот за вино, кој ја гарантираше откупната цена на грозјето.

„Лозарите се оставени без правото на фер откупна цена“, истакна пратеникот на СДСМ.

„Земјоделците заслужуваат вистинска поддршка, а не манипулации и политички игри“, рече Николовски и додаде дека СДСМ останува посветен на земјоделците и дека во претходниот период беа реализирани бројни позитивни мерки за нив. „Беа воведени значителни субвенции, како што е субвенцијата за тутун и за засадена површина, како и мерки за зелена нафта, кои беа користени од голем број земјоделци“, објави екс-министерот.