Од денес повеќе нема ништо да биде исто. Започнуваме со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Љупчо Николовски како тогашен министер. Народот покрај тоа што виде како работеше Николовски, денеска ќе има и прилика да слушне што се случувало во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изминатите 7 години и како одредени правни лица надвор од сите процедури и прописи земале државни пари, обелодени денеска на прес-конференција, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Првиот случај кој го објави е за правното лице АРЕКСПОРТ ДООЕЛ Увоз – Извоз од Струмица.
-Имено, Министерството за периодот од 2019-та година до 2022 година со фирмата од Струмица има склучено вкупно 19 договори за вкупна површина од 1.416 хектари.
По извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори со површина од 941 хектар не се почитуваат одредбите од Договорот од страна на закупецот и требало да бидат раскинати.
При тоа врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход по основ на субвенции од 485.000 евра.
Дополнително, закупецот требало преку бизнис план кој што го понудил до Министерството да инвестира над 2 милиони 450 илјади инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека има инвестиција околу 300.000 евра, рече Трипуновски.
Вториот случај кој што го сподели со јавноста се однесува за правниот субјект ДЗС Илинден.
-Министерството на 05.10.2000 година има склучено Договор за закуп во времетрање од 30 години за површина од 1.604 хектари со наведениот закупец, додека на 03.07.2005 е потпишан Анекс со кој што површината се намалува на 1.067 хектари, за подоцна односно во 2010 година повторно да се склучува Анекс каде што му се намалува површината на 945 хектари државно земјоделско земјиште.
Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година, а месец септември 2021 година, по извршениот увид во списокот на должници од страна на Државниот инспекторат за земјоделство констатирано е дека закупецот не ги испочитувал обврските кои произлегуваат од Договорот за плаќање на закупнина и користење на државно земјоделско земјиштето, поради што се носи Изјава за еднострано раскинување на Договорот за закуп на земјоделското земјиште, која што е потврдена и со правосилна пресуда од Апелациониот суд – Скопје.
Иако Изјавата за еднострано раскинување на Договорот за закуп била издадена на 28.09.2021 година, Министерството не го испочитувало членот 41-а став 5 од Законот за земјоделско земјиште и не доставило примерок од Изјавата за раскинување на Договорот за закуп, по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности за бришење на прибележувањето на Договорот за закуп кој што го имал правниот субјект, посочи министерот и додаде дека институциите мора да работат во служба на граѓаните.
-Затоа го повикувам Јавното обвинителство веднаш да постапи и да истражи која била целта и зошто се дозволило овие два правни субјекти да добијат огромна сума на пари, државни пари, иако Министерството и другите надлежни институции требало навремено да реагираат.
Овие се цврсти докази и индиции за сторен криминал и за таа цел до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција ќе биде доставени соодветни пријави за понатамошна истрага и целосно расчистување на овие два случаи, рече Трипуновски на денешната прес-конференција.