Трипуновски тврди дека „сега се апси, за разлика од претходно“ и дека нема повеќе „ваш и наш“

„И наместо да глуми загрижен, добро би било да повика ОЈО да започне да го истражува неговото незаконско работење како поранешен министер“, порача Трипуновски за Николовски

од Nikola Popovski
14 прегледи

Продолжуваат препукувањата меѓу бившиот и сегашниот министер за земјоделство по суспензијата на средствата од ИПАРД-програмата. Овојпат преку објава на социјалните мрежи, Цветан Трипуновски  тврди дека неговиот претходник, „Љупчо Николовски очигледно не може да го разбере моето гостување во централниот дневник на ТВ Сител каде јасно и прецизно за народот ја објаснив целата ситуација, но толку му е капацитетот“.

-Умот го користи исклучиво за криминал и ширење страв и паника кај земјоделците. Неговата политичка кариера е завршена, па вака со манипулации се обидува вештачки да се одржи во јавноста, брзо заборави што им порачаа граѓаните на локалните избори пред скоро две недели. Со лаги и дезинформации не се владее. И наместо да глуми загрижен, добро би било да повика ОЈО да започне да го истражува неговото незаконско работење како поранешен министер, истакна Трипуновски преку јавна објава.

Министерот тврди дека нема простор за загриженост откако, како што вели, Брисел ја поздрави брзата реакција на Владата за истражување на случувањата во Платежната агенција. Обвинува дека претходно „СДСМ во опозиција кодошеле и ја кочеле Македонија надвор, но тоа сега не им успева“.

-Владата останува посветена на транспарентно и отчетно работење, спроведување на реформите, подобрување на условите за живот на граѓаните и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. На крај би му препорачал, Љупчо ти текнува кога беше антикорупционер и врвно достигнување ти беше броењето на испиени чаши со вода на министрите, додека тоневте во криминал цела влада? Епа сега за разлика од претходно, се апси, нема повеќе наш и ваш. Принципот по кој владееше ти и владата на СДС, како до сега ЗАВРШИ. Навикни се, сега има закон, правила и прописи кои мора да се почитуваат. Секој што се огрешил пред законот и направил злоупотреба на службената позиција мора и ќе одговара, стои во ставот на Трипуновски.

Од друга страна, пак, неговиот претходник на функцијата, Николовски, во реакцијата вели дека се блокирани 130 милиони евра европски пари, што требало да донесат над 3 000 нови бизниси и 10 000 нови вработувања.

Тој одговори и на обвинувањата на Трипуновски дека злоупотреби се правеле додека тој бил на чело на Министерството за земјоделство, наведувајќи дека актуелниот министер „зборува глупости и демагогии“.

Слични содржини