Трипуновски за проблемот со водата: Ако се неспособни нека кажат што треба и Владата ќе им помогне на жителите на Струмица

од Nikola Popovski
103 прегледи

Гледавме дека изминатите денови, локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот. Дури и бевме нападнати дека ние сме виновни дека Струмица има неквалитетна вода за пиење, изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски за проблемот со квалитетот на водата во градот и најавите на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов за напуштање на организацијата ЗЕЛС.

Согласно законите, истакна Трипуновски, обврска на локалната власт е водата која што ја добива филтер-станицата, да ја доведе во фаза на питкост за да ја дистрибуира до граѓаните.

-Гледаме дека локалната самоуправа слабо го менаџираше процесот. Тоа што градоначалникот на Струмица и неговите претходници не инвестирале доволно во филтер-станицата, говори за нивното работење во минатото. Ако се неспособни, нека кажат што треба, ние ќе помогнеме како Влада за тие 40 илјади жители на Струмица да не ја живеат голготата со која се соочуваат овие денови, кажа министерот на трибината „Платформа: 100% посветени за тебе – „Мерки и политики за земјоделието, животната средина и локалната самоуправа“.

Ако продолжи теророт на власта, и општина Карпош ќе ја напушти Заедницата на единиците на локалната самоуправа. Градоначалникот на општината, Стевчо Јакимовски, се закани дека ќе излезат од ЗЕЛС, поради, како што вели, големите притисоци од централната власт.

-Ако постојат проблеми да се решат на маса, а не на социјалните мрежи, вели претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, откако градоначалниците на Струмица и Карпош најавија дека ќе се откажат од членството во ЗЕЛС. Тој ги повика Јакимовски и Костадинов добро да размислат пред да го направат овој, како што рече, погрешен чекор. Ако има проблем, вели, заеднички ќе се бара решение, оти одлуката да го напуштат ЗЕЛС ќе биде на штета на граѓаните.

Слични содржини