На прагот сме на одржувањето на осмите локални непосредни избори, од осамостојувањето на Македонија, каде што граѓаните бираат градоначалници во 80 општини низ Републиката , вклучувајќи го и главниот град Скопје, како посебна територијална единица, соодветно и членови на советите низ односните локални самоуправи. Што да се каже за кампањата, кандидатите за градоначалници/советници но и „понудите и програмите“ на официјалните претенденти за локални кметови и нивните матични партии/коалиции? Реално, ништо особено, односно веќе видено во овие триесет и пет години на повеќе партиска демократија, карактеристично за македонскиот политичко-партиски предизборен фолклор. Ред обвинувања и омаловажувања кон политичкиот противник за „предавства и криминали“, ред (само)пофалби за себе и своите кандидати, без никаква самокритика. Балканска работа, да не кажам македонска. Затоа од година на година, се повеќе и повеќе ќе имаме одвраќање од учество во изборните процеси и како активисти на граѓаните, но и како гласачи на изборниот ден од електоратот. Односно ќе имаме се помалку излезени граѓани, тоест помала излесност на секои наредни избори, а со тоа и многу помал легитимитет на легално избраните функционери. Кои се исклучоците на овие избори?
Има зрак на надеж за во иднина!
Храбриот потег на младата лидерка на Либерално-демократската партија Моника Зајкова, да истапи, не по своја вина од коалицијата со СДСМ, на овие избори и да направи коалиција околу матичната партија е чекор за поздравување, бидејќи оваа добропозната и етаблирана политичка партија, која во деведесеттите беше многу сериозен фактор на македонската политичка сцена, треба да си го реактуелизира сопствениот партиско-политички идентитет, како посебен субјект на сцената. Односно суровиот модел на шест изборни единици ги тераше т.н „помали партии“, да одат во предизборна коалиција со поголемите, и така за жал, полека го губеа својот автентичен партиски субјективитет. Оттука ЛДП со својата програма и визија на овие избори, и со робусниот кандидат во името на Ристо Пенов, како насител на листата во Скопје, а поранешен градоначалник на главниот град во два наврати , има одлична шанса, да се репозиционира и рефакторизира на македонската политичка сцена.
Второ пријатно пријатно изненадување на овие избори е позитивната, креативната и иновативната кампања на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ за Општина Ѓорче Петров Костадин Ацевски, кој со својата екипа од признати кадри во населените места низ Општината, се двои од останатите по пристапот, начинот и комуникацијата со граѓаните. Од него гледаме повеќе нудење на решенија за напластените проблеми со кои се соочуваат граѓаните во овие децении во однос на односната општина, наместо сувопарни обвнинувања кон својот политички противник. Таквиот начин и модел на водење на кампања и комуницирање со проблемите на граѓаните треба да биде модел и пример како во иднина, не само неговите партиски другари и функционери од неговата матична партија, туку и од сите партии треба да го земат како пример на однесување, ако сакаме да се врати достоинството во политиката. Ова ми дава за право, да верувам, дека кандидатот Ацевски со неговата советничка листа и тоа како ќе бидат конкурентни во оваа скопска општина, и ќе се двојат од останатите кандидати на грогираната социјалдемократска опозиција низ републиката, после епскиот пораз на минатогодишните парламентарни и претседателски избори.
Третиот X фактор на интересно изненадување ќе биде советничката листа во Општина Струмица од редовните на политичката партија ЗНАМ, предводена од Александар Илиев, кој заедно со останатите кандидати за советници, предводи листа со проверени и респектабилни луѓе во своите средини и населените места во кои живеат. Одличната видлива кампања на терен, комуникацијата со граѓаните и презентацијата на визијата и програмата за поубава Струмица, ги наметнуваат овие млади луѓе како сериозен фактор на политичката сцена во општинскиот совет во овој град и Општина на југоистокот на Македонија, клучна во многу сегменти од политичкиот живот во Македонија, во изминатите две децении. Номинирањето на кандидат од редовите на СДСМ, кој по виденото во јавноста , за жал делува како изгубен во времето и просторот , остава простор за политичките претставници на новоформираната партија ЗНАМ , кои за прв пат излегуваат на мегдан на едни локални избори во Струмица, да претендираат да освојат значителен број како од неопределените, така и од разочараните социјалдемократски гласови.
На запад ништо ново!
Во етничко албанскиот политички блок, освен што не се очекуваат големи изненадувања и поместувања на политичката мапа, за жал нема ниту сериозни и компететивни кандидати кои можат да се спротистават на големите политички блокови предводени од ДУИ и коалицијата ВЛЕН, кои како „титани“ ќе се судрат во битката за легитимитетот на албанските гласачи. Единствено кандидатурата на економскиот аналитичар и професор Висар Адеми за кандидат за градоначалник во Општина Гостивар, отстапува од ова правило, но таа капка во морето или една птица не ја „прави пролетта“ во етничко-албанскиот политички кампус. Особено за локални избори, граѓаните секогаш треба да имаат многу повеќе избор од предложените два избори концентрирани околу големите партии, бидејќи на тој начин преку шареноликост во понудата се зголемува и партиципативноста на сите граѓани во изборниот процес, а со тоа се јакне и онака кревката македонска демократија.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.