Трогателно сведоштво за пожарот во Кочани: „Настанаа големи викотници, видов три тела до оградата“

„Ги скршивме прозорците од женскиот тоалет однадвор од каде што се слушаа звуци. На самите решетки се фатија девојчиња, пискаа, јас пробав да ги смирувам и тогаш одлучив да ги прскам со вода. Децата ми велеа „чичко прскај повеќе вода, поубаво дишеме“, сведочел Николов за пожарот во дискотеката „Пулс“

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/МИА

На денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше, Дејан Николов, сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката. Николов сведочеше за реновирањето на „Пулс“ од неговата перспектива како сосед на објектот, како и за трагичната ноќ кога објектот беше зафатен од пожар.

Тој објасни дека сервисот го работи од 2009 година, а објектот на дискотеката бил изнајмен во летото 2012 година, кога започнало неговото реновирање.

-Они дојдоа го изнајмија објектот 2012, летниот период, тогаш почнаа да си спремаат, да си работат внатре што треба – рече Николов, додавајќи дека претходно таму имало конфекција и магацин за ташни.

Се сеќава дека реновирањето траело долго време, со многу мајстори – гипсери, електричари – и дека првото отворање било во декември истата година.

За кобната вечер, Николов раскажа дека отишол со своите другари во дискотеката, а таму претходно бил и неговиот син.

-Влегов во дискотеката некаде пред 2 часот… Нарачав две виски и две води, веднаш му платив на шанкерот и застанав со моите другари позади – рече тој.

По што, според неговото сведочење, синот му кажал дека сакал да го запознае со девојката, а другарот го повикал надвор на цигара и се нашле надвор.

-Детето веќе беше излезено со девојката и неколку негови другари кои излегоа на воздух, а јас бев од другата страна под билетарницата, спроти нив, тука бев и запаливме со другарот цигара. Во тоа време доаѓа полицијата, тој другарот вели јас ќе влезам, ти остани со твоите деца, за да немаат проблеми бидејќи беа малолетни. Тогаш јас застанав кај друштвото на мојот син – рече тој.

Неколку минути подоцна, сведочи, едно другарче на мојот син видно вознемирено ми покажало снимка и ми рече: „Чичко Дени, дискотеката се запали.“

-Мојот син тргна да види за што се работи, јас го фатив за рака и му реков почекај сине, бидејќи видов дека излегува дим и се слушаат чудни звуци, тогаш сфатив дека е нешто сериозно. Тогаш забележав дека снема струја и тогаш настанаа големи викотници, страшно беше. Потоа сведочеше дека го земал најблиското црево и почнал да прска кон вентилаторот. Потоа ги скршивме прозорците од женскиот тоалет однадвор од каде што се слушаа звуци. На самите решетки се фатија девојчиња, пискаа, јас пробав да ги смирувам и тогаш одлучив да ги прскам со вода. Децата ми велеа „чичко прскај повеќе вода, поубаво дишеме““, сведочеше тој.

Николов нагласи дека пожарникарите пристигнале брзо и му помогнале да продолжи со спасувањето.

-Пожарната дојде брзо, кај мене дојде еден пожарникар кој ме познава… ми кажа дека направиле коридор, ги вадат од таму, ти продолжи да прскаш – рече тој.

Откако завршил со прскањето, како што рече, се повлекол со неговиот син и другарот на неговиот син во неговиот сервис во непосредна близина да се соземат, по што решиле да си одат дома.

-Потоа откако помина како цела вечност ми се виде, ги внесов децата во работилницата, направив раствор од сода бикарбона и шеќер, бидејќи видно беа потресени децата, а и јас исто, секојдневно го гледам тој филм. Имав перцепција дека има повредени, а нема жртви. Некаде накај 5:30 ја отворам мојата капија, ги пуштив децата да поминат, веќе заврши, во меѓувреме ја исклучив мојата струја не дај боже нешто да не се случи. Тогаш син ми ми кажа, само што излеговме, син ми вели „тато изгледа има жртви, има тела“. Го фатив само за рака и продолживме напред, видов три тела до оградата, не гледав ништо само сакав да ги однесам децата дома – сведочеше Николов.

Сведокот Николов потврди дека разговарал со сопственикот Дејан Јованов за задната врата, зошто ја заклучувал, а тој, како што рече, му одговорил дека е за да не влегуваат луѓе без карта. Тој додаде дека паркингот бил целосно исполнет, со автомобили по сите улички околу дискотеката. На прашање дали видел ознака за евакуација во дискотеката, сведокот рече дека таа вечер не забележал таква, но претходно мисли дека имало знак веднаш по каубојската врата, иако, како што рече, не е сигурен дали светел.