Бугарија и натаму стои цврсто зад ставот дека Македонија мора да ги внесе Бугарите во Уставот пред реално да се отворат преговорите по кластери. Тоа е позиција што се темели на одлуките од 2022 година, кога бугарскиот парламент го одобри т.н. француски предлог и го врза со почитување на Договорот за добрососедство, уставни измени и спречување на, како што тврди Софија, „антибугарска реторика“. Преговарачката рамка од јули 2022 година само го зацврсти истиот курс.
Бугарското Народно собрание со 194 гласа „за“ ја усвои резолуцијата која повторно ја потврдува оваа линија дека сите документи од 2022 година мора строго да се почитуваат, без обид да се заобиколат.
Во исто време, македонската влада испраќа поинакви сигнали. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека е подготвен да разговара со официјална Софија, но дека „црвените линии“ нема да ги премине.
Тој повтори дека додека е на власт, нема да дозволи, како што рече, „вакви предавства и манипулации“ да се случат.

Фото: Фејсбук
Во изјавата се врати 8 години наназад, споменувајќи го периодот кога државата го смени името со очекување дека за 3-4 години ќе стане членка на ЕУ, па рече дека „тие 3–4 години поминаа пред 3-4 години, а Македонија е таму каде што била пред 25 години“.
Според него, инсистирањето да се менува Уставот е само повторување на истата логика: „Да го смениме Уставот, најдобри ќе бидеме… уште ако може да не сме Македонци, најдобри ќе бидеме. Тоа нема да го дозволиме“.
Ставот на Бугарија, меѓутоа, останува непроменет. Шефот на бугарската дипломатија порача дека Софија нема намера да отстапи од веќе утврдената преговарачка рамка.
Дополнително, тој истакна дека Бугарија постојано се спротивставува на предлозите за укинување на едногласноста во одлучувањето во ЕУ, токму затоа што таа го штити националниот интерес на државите-членки.
Според официјална Софија, во сегашните геополитички услови ЕУ мора да ја зачува кохезијата, а едногласноста е дел од таа стабилност.
Овие изјави доаѓаат во момент кога од Брисел се слуша поинаква порака. Еврокомесарката за проширување Марта Кос, за време на презентација на извештаите за напредок на кандидатките пред комитетот АФЕТ, најави дека во следниот период ќе се залага за воведување квалификувано мнозинство во процесите на донесување одлуки во проширувањето.
Не целосно, туку модел во кој преговорите започнуваат и завршуваат со едногласност, но сите меѓуфази би се одвивале со квалификувано мнозинство. Тоа би го намалило просторот за блокади, без целосно да го укине правото на вето.
Овие насоки од Брисел го отвораат прашањето дали во иднина, под притисок на европските институции, Софија би можела да ја преобликува својата позиција во однос на уставните измени. Но засега нема сигнал за такво сценарио. Напротив, бугарската политика во последните години се движи во спротивна насока. Не само што не попушта, туку настојува условите да останат токму во оваа форма, поврзани со историските прашања, правата на заедницата што се изјаснува како бугарска и борбата против говор на омраза.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос при последната посета во Скопје/Фото: Фејсбук
Дури и кога би се замислило хипотетичко сценарио во кое Бугарија би се откажала од експлицитниот услов за уставни измени, тоа би барало сериозна компензација. Софија би морала да го претстави потегот како дипломатска победа, а не како отстапка. Тоа би значело посилни европски механизми за следење на правата на Бугарите во Македонија, повисок политички капитал во ЕУ или поцврсти билатерални гаранции во сферата на историските и образовните политики.
Во Македонија, пак, таква евентуална промена би се читала со двојни очила. Од една страна, би се намалил притисокот за спорната уставна промена. Од друга, би се појавил друг ризик: условите да станат уште пофлексибилни, а со тоа и поопасни, бидејќи секоја забелешка за „добрососедство“ би можела да стане основа за нова блокада.
Но засега, фактите се едноставни и недвосмислени: уставните измени остануваат официјален услов, формално вграден и во преговарачката рамка и во резолуцијата на бугарското собрание. Македонската влада е подготвена да разговара, но не и да ги менува црвените линии. Бугарија е подготвена да слуша, но не и да отстапи.
Сè друго, барем засега, останува политичка анализа и можно сценарио кое не е блиску до реализација.
Б.Т.