„Tројанскиот коњ“ на Израел се заканува да предизвика општа војна на Блискиот исток: „Најважно е како ќе реагира Иран, а не Хезболах“

од Nikola Popovski
668 прегледи

Нов бран експлозии низ Либан, главно насочени кон воки-токи уреди, системи за соларна енергија и уреди за читање отпечатоци што ги користат членовите на Хезболах. Инцидентите следуваат еден ден откако илјадници луѓе во Либан и Сирија беа ранети од експлозија на пејџери. И натаму се бара потеклото на уредите и дали зад нивната набавка стојат компании од земјите-членки на ЕУ.

„Ова е чин на агресија против луѓето од заедницата. Дури и ако сте борец ова е неселективен чин на напад. Мислам дека употребата на неселективно сила или напади, кои очигледно би влијаеле врз цивилите е против меѓународното воено право“, изјави Фирас Абијад, министер за здравство на Либан.

Израелската армија соопшти дека е решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро и оти почнале нова фаза од војната. Нападнати се различни инфраструктури на Хезболах во јужен Либан, вклучително и објект за складирање оружје.

„Имаме многу способности кои сè уште не сме ги активирале. Видовме некои од овие работи, ми се чини дека сме добро подготвени. Правилото е дека секој пат кога работиме во одредена фаза, следните две фази се подготвени. Во секоја фаза, цената за Хезболах треба да биде висока“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, началник на Генералштабот на израелската одбрана.

„Ги пренасочуваме силите, ресурсите и енергијата кон север. Не ги заборавивме заложниците и не заборавивме нашите задачи на југ, тоа е наша должност и ние ја извршуваме во исто време“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Професорот на катедрата по безбедност на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“, Оливер Андонов во разговор за „Локално“ ја коментира новонастанатата ситуација, дали е можна ескалација на Блискиот исток и што значи најавата на Израел дека следи „нова фаза“ од војната. Смета дека нападите во Либан не се преседан бидејќи според него, инфилтрација може да се изврши во секоја организација, само ако им е слаба контраразузнавачката служба и не може да се спротивстави на такви инфилтрации.

проф. Оливер Андонов

-Тука се поставува нешто друго многу интересно како прашање. Израел очигледно имале информации за структурата на Хезболах и за начинот на промена на комуникација – комуницираат преку пејџер за да не бидат следени. Со мобилни телефони би биле следени секаде. Преку тој систем на комуникација, утврдиле и дека иранскиот амбасадор во Либан има улога во комуникацијата со Хезболах. Активирани се пејџери и еден мобилен телефон. За тоа да се направи, потребно би било да се инфилтритираат во фирмата која ги произведува пејџерите – нема потреба да се вмешуваат во Хезболах, објаснува Андонов.

Посочува дека Израелците знаеле дека таа пратка пристигнува во Либан и во нив се поставува и преку определена порака или шифра експлодируваат или активираат.

-Таква слична работа му се случи на Иран, исто така од Израел, кога на пазарот за конектори за ракетите, во нив се вградени минимални количини на експлозив кој при вклучување на конекторот, експлозивот сам се активира. Еден таков конектор чини 10 долари, а Иранците купиле илјадници такви за вградување во нивните ракети. Се сеќавате дека во последно време, ќе лансираат ракета, таа ќе експлодира и ќе падне…Не се работи за класична инфилтрација внатре, туку преку посебно делување преку друг канал, додава професорот.

На прашањето дали општата војна делува неизбежно, Андонов објаснува дека на Блискиот исток веќе имаме војна и таа никогаш не престанала, но има друга работа.

-Ескалација сигурно ќе има – Хезболах ќе се обиде да врати на разни начини, а прашање е дали и Иран ќе се вклучи, поради тоа што се случи со нивниот амбасадор во Либан. Мислам дека ќе остане ограничена активност меѓу Хезболах и Израел – нема да се вклучи Сирија, ниту Јордан, Егупет, нешто Јемен ќе дејствува преку Хутите…Најголемата закана за Израел во моментов е како ќе реагира Иран, а не Хезболах, оценува соговорникот.

Прелиминарната истрага на либанските власти за комуникациските уреди покажа дека во нив биле поставени експлозиви пред да стигнат во земјата, се вели во писмото испратено до Советот за безбедност на ОН од мисијата на Либан во Обединетите нации.

Либанските власти, исто така, утврдија дека уредите, вклучувајќи пејџери и воки-токи, биле активирани со испраќање електронски пораки до уредите, се вели во писмото до кое Ројтерс имало увид.

Либанската мисија на ОН, исто така, го обвини Израел за планирање и извршување на нападите, во кои загинаа најмалку 32 лица, а повеќе од 3.000 беа ранети.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, предупреди на сериозен ризик од драматична ескалација на конфликтот во Либан. Свикан итен состанок на Советот за безбедност.

„Овој настан потврдува дека постои сериозен ризик од драматична ескалација во Либан и мора да се направи се за да се избегне таа ескалација. Врската на она што се случува во Либан со она што се случи во Газа е очигледна уште од самиот почеток. Хезболах беше многу јасен кога рече дека ги почна своите операции поради она што се случува во Газа и дека ќе престане кога ќе има прекин на огнот“, изјави Антонио Гутереш, генералниот секретар на ООН.

Во меѓувреме, Обединетите нации усвоија резолуција подготвена од Палестина со која се бара Израел да го прекине незаконското присуство на окупираната палестинска територија во рок од 12 месеци.

Н.П.

Слични содржини