Тројца мигранти загинаа рано утрово откако нивниот чамец се преврте во реката Сава во близина на хрватскиот град Славонски Брод, објавија хрватските медиуми.
Во разговор за хрватската новинска агенција ХИНА, командантот на противпожарната служба на градот Славонски Брод, Иван Вулета, изјави дека пријавата за превртениот чамец и повредените лица ја примила екипа на брза помош во 5:38 часот наутро. Испратени се две противпожарни возила и еден чамец. На местото на настанот е утврдено дека на чамецот имало 11 мигранти, од кои осум биле извлечени живи. Спасените биле однесени со брза помош во болницата „Јосип Бенчиќ“ во Славонски Брод.
Сепак, според полициското соопштение, цитирано од телевизијата ХРТ, на чамецот имало 13 лица.
Болницата во Славонски Брод извести дека се примени 11 пациенти.
Граѓанин на Босна и Херцеговина, кој е осомничен за шверц на мигранти, е исто така во болница и под надзор на полициски службеници.