Личното обезбедување на претседателот на Собранието, Африм Гаши учествувало во сообраќајна несреќа на патот кон Охрид, во близина на Ново Село. Како што информира самиот спикер, веднаш заминал во болница каде што ги посетил припадниците на обезбедувањето.
Станува збор за тројца припадници на безбедносните сили.
-Се прават сите снимки и анализи од докторите и директорот на болницата (Свети Еразмо). Немаат потешки повреди, но ќе ги задржат вечерва за да не се случи нешто. Се е во ред, ги видов сите тројцата. Сите се добри и контактабилни и кажаа како се случил настанот. За жал, тоа е уште една порака за оние кои што работат на автопатот Охрид-Кичево да биде побрзо и да работат поквалитетно затоа што сите граѓани патат од тоа, а ниту еден од нас не е имун на таквите работи. На секој граѓанин може да му се случи, кажа Гаши за сообраќајката и упати жалење за немилиот настан.
Гаши престојува во Охрид, каде ќе ги посети канцелариите за контакт со граѓаните. Toj за време на посетата ќе се сретне со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков и со семејството Филеви, кое се занимава со изработка на охридски бисери.