Тројца Срби убија Американец во Белград

од Nikola Popovski
407 прегледи Blick auf einen Teil von Belgrad, vom Atelier Antonovic. Serbien

Српската полиција по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, ги уапсила Ѓ. В. (1964), Р. Б. (1986) и М.Ј. (1983) поради постоење основи на сомнение дека убиле 54-годишен американски државјанин, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што пишуваат српските медиуми, Американецот бил претепан до смрт, а убиството се случило ноќта помеѓу понеделникот и вторникот во улицата „Вељко Дугошевиќ“ во белградската населба Звездара.

На убиството му претходело случајно запознавање на тројцата уапсени и американски државјанин. Тие пиеле пијалоци, а потоа започнала расправија, под засега неутврдени околности.

Се шпекулира дека мотивот за убиството на американскиот граѓанин било користољубие.

Според неофицијални информации, откако го претепале несреќниот човек, осомничените пронашле и од жртвата одзеле 2.500 динари.

Американецот наводно дошол во Белград во декември минатата година, каде живеел со девојка од Србија.

Неговиот идентитет, но и други информации за него не се објавени.

Инспекторите на Третото одделение на белградската полиција работат на расветлување на сите околности на овој случај.

Тројцата уапсени, меѓу кои и една жена, се товарат за тешко убиство.

По одобрување на заменик-вишиот јавен обвинител, им е одреден притвор од 48 часа, а во тој период ќе бидат сослушани во Вишото јавно обвинителство во Белград.