Трошановски: Без спроведување на реформската агенда и домашните задачи од ЕУ, сосема е неважно самото откочување на преговорите

„Потребно е да се отвори канал за преговори со Бугарија и да се донесат внатрешни гаранции при носењето на уставните измени со јасна насока во која да оди оваа и секоја наредна влада“, вели за „Локално“, претседателот на Институтот за демократија

од Nikola Popovski
48 прегледи Фото: Фејсбук

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека нема да прифати уставни измени без јасни услови, претседателот на Институтот за демократија, „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски смета дека земјата не треба да чека, туку треба да биде проактивна и да бара решенија.

-Самото проширување е исклучително важно за Унијата поради глобалната нестабилност, безбедносна, економска, ебнергетска и од секаков вид. Од друга страна, токму неизвесноста поттикнува раст на националистичките ксенофобични конзервативни партии кои не се наклонети кон проширувањето. Може да е неизвесно како ќе се ратификуваат предпристапните договори во вакви услови. Очекувам да има потешкотии кај процесот на прием на нови членки, дури да се дојде до крај на преговарачкиот процес. Но Европа нема друг пат, изјави Трошановски за „Локално“, додавајќи дека на листата на приоритети на кои Брисел има ресурси, истовремено да се фокусира е ограничена.

– А имајќи предвид што се случува во светот и околу нас тешко да очекуваме некакви гаранции кои Владата ги бара, вели Трошановски.

Тој смета дека Македонија не треба да чека и треба да се обиде да го придвижи тој процес напред.

-Само чекање на гаранции нема да не одведе никаде. Мора да бидеме проактивни да нудиме решенија, изјави Трошановски. Според него, потребно е да се отвори канал за преговори со Бугарија, да се донесат внатрешни гаранции при носењето на уставните амандмани со јасна насока во која да оди оваа и секоја друга влада.

-Да не се чека и од Македонија да се прави жртва. Паралелно со ова да се работи на реформската агенда, на сите домашни задачи кои од ЕУ ни се дадени преку процесот на скрининг. Овие задачи треба да се споведат без оглед на откочувањето на преговорите. Закочувањето на преговарачкиот процес е изговор. Без спроведување на овие реформи сосема е неважно самото откочување на преговорите, потенцира Трошановски.

Владата нема да прифати уставни измени под услови кои директно го засегаат македонскиот идентитет, а без јасна предвидливост и конечен исход на процесот. Ова уште еднаш го повтори премиерот Мицкоски, одговарајќи завчера на новинарско прашање и осврнувајќи се на нужноста од предвидливост на процесот.

„Поради лошите криминални и предавнички политики на претходната влада нашата позиција е таква каква што е. Но ние ќе се бориме ова се историски процеси. Кај нашиот источен сосед, политичарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години. Така што, ако треба и ние ќе чекаме децении. Но, политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет, а од една страна не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, немам намера додека јас сум претседател на Владата по било која цена да влезам во една таква авантура“, кажа премиерот.

Е.Б.