По внесувањето на Бугарите во Уставот, по автоматизам продолжува втората фаза од преговорите со ЕУ, така што во тој дел вето не може да биде ставено. Сепак Бугарија може да стави кочница во секој нареден момент во врска со преговорите и поглавјата, смета политичкиот аналитичар и директор на Институтот за демократија, Марко Трошановски.
Тој во разговор за „Локално“ вели дека има над 100 моменти каде што Бугарија може да стави вето, а поврзано со преговорите со ЕУ.
-Несомнено земјата ќе го користи тоа право, имајќи во предвид како досега се однесува кон Македонија, во најмалку конструктивен и наметлив и агресивен начин, без добра волја за приближување меѓу двете земји, притоа игнорирајќи ја својата улога во земјата во првата половина на изминатиот век, особено околу Втората светска војна, истакнува Трошановски.
Според него, сегашната ескалација на односите меѓу двете земји има врска со новиот термин за избори во Бугарија.
-Секако дека темата Македонија, односно ваквите национални и емотивни теми се најдобрите и најевтини теми за мобилизирање на политичка поддршка. Тоа оди на штета на билатералните односи на Македонија и Бугарија, но политиката на Балканот ретко води сметак за натпартиски и државни цели, кога се во прашање избори, порачува аналитичарот.
За евентуалната забрана за влез на одредени бугарски радикали во земјава, Трошановски вели има доволно причини за такво нешто.
-Мислам дека ликови како европратеникот Џамбаски и политичарот Костадинов кои што го подриваат уставниот поредок и го загрозуваат јавниот ред и мир преку своите субверзивни акции во земјата и навредливите изјави кои што ги даваат. Едниот претставува Европски парламент, другиот има пратеничка група во бугарското Собрание, трети како олигарси отвораат приватни културни центри кои најмалку имаат за цел културна соработка, туку во суштина во негираат македонскиот народ и неговата етногенеза. Секако дека има многу причини на истите да им биде забранет влез во земјата, доколку продолжат со својата активност и верувам дека истите ќе продолжат во таа насока бидејќи нивната цел е токму тоа – да ги држат двете земји во замрзнат конфликт и да профитираат од контроверзни ескалации на односите меѓу двете земји, продавајќи националистичка магла, оценува соговорникот.
Трошановски даде свое видување и за свиканиот Совет за национална безбедност.
-Сведоци сме дека повеќе Совети за национална безбедност во регионот беа свикани во овој период. Секако дека во нашиот случај, претепувањето на Пендиков зошто Советот е свикан. Косовско-српската ситуација, изгледите за решавање или ескалација на тој конфликт добија нов момент и во таа смисла треба да ја преиспитаме нашата позиција и ризиците или предизвиците кои произлегуваат од евентуалното решавање на косовско-српскиот спор преку пакетот им го понудија меѓународните претставници. Секако имаме активна регионална војна, имаме енергетска и економска криза и во таа смисла имаше повеќе причини за свикување на Советот. Затоа сметам дека инцидентот во Охрид не беше причина како повод. Би било неодговорно само заради таква работа да се свикува истиот, смета аналитичарот.
Н.П.