Нашето усогласување со надворешната политика на Европската Унија е исклучително високо. Тоа значи дека позициите на ЕУ се и позиции на македонското МНР. Нашата економска размена со ЕУ за 2021 година е 10,7 милјарди и во постојан пораст, а плус на тоа е и претпистапната помош кој ја добивме, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар и директор на Институтот за демократија, Марко Трошановски.
Тој појаснува дека политиката и економијата се тесно поврзани и по тој принцип треба да ги бираме партнерите бидејќи како што вели аналитичарот економското влијание или изложеноста создава политичко влијание и изложеност.
-Од друга страна ние сме многу мала економија која нема сила да компензира пропуштање на поволни економски договори или санкции заради политички сојузништва. Секако дека оваа наша посветеност на политички план треба да биде и компензирана од страна на евроатланските партнери за загубите кои ги правиме кога се пркилучуваме кон санкции, или пак преферирани добавувачи за патна или комуникациска инфраструктура. Исто така, сметам дека е апсолутно потребно изложувањето во соработка со земји надвор од ЕУ и НАТО , но секогаш на принципите на владеење на право и транспаретни и конкурентни јавни набавки, појаснува Трошановски .
За видливата наклонетоста на македонскиот народ кон рускиот и своевидното „навивање“ Украинците да се предадат на „посилниот“, односно на Русија, аналитичарот појаснува дека социјалните мрежи изобилуваат со поддршка за Русија, но информациите кои се споделуваат на овој тип на медиуми даваат искривена слика за реалноста, појаснувајќи дека овие информации не смеат да се користат како индикатор на јавнота мислење.
-Според нашето последно истражување на Русија како највлијателен странски фактор гледаат само 3% од населението. Од друга страна 11% ја сметаат за најголем сојузник на земјата. Така што од тој аспект не би се согласил дека има голема наклонетост. Сепак 45% од Македонците би поддржале членство во Евроазиската Унија, предводена од Русија, како алтернатива за членството во ЕУ. Секако дека социјалните мрежи изобилуваат со поддршка за Русија и на тоа ниво таа постои, но овој тип на медуми даваат искривена слика на реалноста и не смее да се користат за индикатор на јавнота мислење. Има бизнис комуникациски модели кои располагаат со илјадници измислени профили кои координирано праќаат прилагодени пораки и создаваат лажна слика дека одреден наратив доминира. Истите се едно од главните оружја во кампањите за дезинформација кои меѓудругото имаат за цел да се конфронтираат луѓето меѓу себе и да ја нарушат нивната меѓусебна доверба и довербата во институциите. Ова се подеднакво „вредни“ мети во хибридното војување , како што е напад на хидроцентрала да речеме.Нашата фрустрација од друга страна кон ЕУ, особено нејзината неможност да го заштити претпристаниот процес од идентитетско-историски малтретирања на земјите членки, природно бара заштитник, и во случајот тој се проектира во Русија која декларативно давала секогаш подршка во делот на идентитетот и историјата. Дополнително, политичката култура на силни лидери дома, повлекува и подршка на силни лидери надвор, појаснува тој.
На прашањето дали следи нова „железна завеса“ за Русија, откако оружјата ќе се спуштат и ќе профункционира дипломатијата, Трошановски вели дека изгледите за спласнување на конфликтот се премногу неизвесни за проценка, додавајќи дека односите на Русија со ЕУ и САД на среден рок ќе се редефинираат во насока на зголемена поларизација и намалена меѓузависност.
-Русија активно работи на нови политичко-економски сојузи во Азија особено со Кина и Индија. Енергетските пазари и меѓузависности се редефинираат. Единствено испреплетеноста на глобалната економија може да помогне резолуцијата на конфликтот на геополитичко ниво да биде помалку видлива, насилна и болна, вели тој.
Б.М.