На пречекот на 149 граѓани на Авганистан на скопскиот аеродром, волонтерите на Црвениот Крст на Република Северна Македонија им врачија првичен пакет за секој од пристигнатите со храна, вода, средства за дезинфекција, по што следуваше потоа првична здравствена контрола и соодветна асистенција на оние на кои тоа им беше потребно, како и ПЦР тестови.
Раководителката на Служба за итна медицинска помош и домашно лекување при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало, во својата изјава за медиумите истакна дека Министерството за здравство, заедно со сите здравствени установи, е подготвени за да ја даде комплетна здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот на нашата држава.
„На граѓаните ќе им биде направен ПЦР тест во однос на КОВИД-19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за вакцинација од КОВИД-19 ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката на ПЦР тестот се констатира дека имаме позитивен/позитивни ќе се спроведе 14 дневен карантин. Понатаму во текот на самиот процес ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и на специјалист интернист и ќе се оцени здравствената состојба на самите граѓани”, информираше д-р Бубало.
Таа дополни дека со првото амбулантно возило синоќа била згрижена жена во поодмината бременост, а со друго возило на Итната помош било преземено лице кое било во колапс најверојатно од премор и стрес.
Бубало истакна дека според информациите, меѓу патниците имало уште 4 трудници.