Канадскиот премиер Џастин Трудо, кој денеска беше во ненадејна посета на Киев, изјави дека уништувањето на браната Каховка во јужна Украина, што предизвика поплави, е „директна последица“ на руската инвазија.
Трудо ја обвини Москва за експлозијата што ја уништи хидроелектричната брана, додека двата завојувани табора ја негираат одговорноста за катастрофата.
„Сите ја видовме штетата предизвикана од уривањето на хидроелектричната брана Каховка… Ова е директна последица на војната што ја започна Русија“, рече Трудо.
Поплавите што следеа ги зафатија и областите под контрола на Украина и окупирани од Русија на двата брега на реката Дњепар, при што загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.
„Во нашите умови нема апсолутно никакво сомневање дека уништувањето на браната е директна последица на одлуката на Русија да ја нападне земјата“, изјави Трудо.
Канадскиот премиер веднаш најави 10 милиони долари помош за Украина за справување со последиците и 500 милиони долари дополнителна воена помош за украинските сили.
„Покрај тоа, денеска објавувам дека Канада ќе учествува во мултинационалните напори за обука на борбени пилоти и за одржување и поддршка на програмата на Украина за борбени авиони“, рече тој.
Претходно Трудо положи венец во спомен на загинатите војници во Киев.