Царовска: Будно ја следиме состојбата, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто

од Берта Китинска
124 прегледи

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола. На состанокот, на кој присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, разговараа за текот на наставата со физичко присуство во услови на пандемија, за реформите во основното образование и за процесот на унапредување на средното стручно образование.

,,Пред нас е учебна година која на најголема радост на учениците ја започнавме со физичко присуство, но и година во која имплементираме целосно нови наставни програми во прво и четврто одделение. Досега целиот овој процес тече според предвидениот план и динамика за што сте заслужни вие директорите и локалните самоуправи кои посветено работевте навреме да ги подготвите училиштата и да ги обезбедите потребните услови со цел да имаме успешна учебна година. Би сакала да се заблагодарам и на наставниците кои ги поминаа потребните обуки и веќе се прилагодуваат на новиот концепт. Исто така, сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со Ковид во училиштата, која засега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките, училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците”, рече Царовска.

Директорите на состанокот рекоа дека сите предизвици ги решаваат брзо и одговорно, бидејќи нивен приоритет е учениците и наставниците да имаат соодветни услови и ресурси за непречена настава. Тие истакнаа дека планот и протоколите се почитуваат доследно и дека процентот на заразени ученици и наставници во битолските училишта е мал.

Според последниот извештај на Комисијата за заразни болести, состојбата со Ковид 19 во училиштата во државата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб, засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата, бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата.

На состанокот се констатираше и дека образовниот систем е подготвен и за останатите резервни сценарија, доколку се појави потреба од нивна примена. Директорите на основните и на средните училиштата потврдија дека ги имаат сите потребни ресурси за брзо преминување кон онлајн учење, ако има некаква одлука за истото.
Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата, на дневно основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 % од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Исто така, вакциниран е над 72% од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.

Слични содржини