Царовска: Градиме систем со кој обезбедуваме развој на високото образование

од Берта Китинска
281 прегледи

„Актуелности поврзани за високото образование на државните универзитети во Република Северна Македонија во функција на образовниот процес во услови на пандемија, практицирање на автономијата, финансиско процесирање и студентски предизвици”, беа темите на јавната расправа на која учествуваше министерката за образование и наука Мила Царовска, организирана од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. На средбата освен претседателот на Советот проф. д-р Тодор Серафимовски, присуствуваа и ректорите на сите државни Универзитети во Република Северна Македонија.

„Навистина ми е драго што со ректорите и со членовите на Советот, имаме можност да дебатираме за важни прашања од сферата на високото образование, кое сите ние заеднички се стремиме да го направиме што поквалитетно, подобро и поатрактивно за домашните, но и за странските студенти. Убедена сум дека заклучоците од оваа дебата, кои се од огромно значење, ќе бидат директно применети во унапредувањето на државните универзитети во нашата држава. Висоокобразовните и научни установи и институти навистина располагаат со квалитетен и посветен кадар. Доказ за тоа се и универзитетските професори кои беа вклучени и во подготвувањето на реформските процеси во основното образование. Тоа покажува дека нашите високо образовни установи се подготвени за носење со предизвиците кои ни ги наметнуваат брзите промени на светско ниво и инстантно прилагодување на нив“, рече Царовска.

Министерката посочи дека пандемијата како во светот така и кај нас, ни наметна нови предизвици кои бараат поинаков пристап и организација на работата, но дури и во овие услови, продолжуваме со позитивните промени кои водат кон унапредување на сите нивоа на образованието, вклучувајќи го и високото образование.

„Токму во таа насока се и сите политики и мерки на МОН за високото образование и научно истражувачката дејност. После цела деценија ја вративме поддршката за развој на научните и високообразовните установи, како и повик за финансирање на реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните научни установи со што на располагање се 17,3 милиони денари’’, рече Царовска.

Дополнително, МОН ја промени и политиката за стипендирање со цел да се создаде кадар кој ќе се занимава со наука и истражување. За првпат се воведени и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по цела една деценија вратени се и стипендиите за постдипломски студии во државата во висина од по 9.000 денари месечно, за девет месеци во годината. Исто така, за околу 80 % се зголемени поголемиот дел од стипендиите за прв циклус од додипломски студии, а воведен е и субвенциониран студентски оброк за сите редовни студенти на државните и приватните факултети во државата.

Министерката истакна дека во фаза на подготовка е и нов Закон за научно истражувачка дејност, од страна на работна група со претставници на сите универзитети и научни институти.

„Се заложуваме да изградиме систем кој ќе обезбеди континуитет во вложувањето во науката. Процентот од БДП што се двои за наука мора да се зголеми и приближи до европскиот просек“, рече Царовска.

Ректорите ја поздравија иницијативата за одржувањето на оваа дебата и посочија дека овие средби треба да станат редовна пракса, бидејќи тоа е најдобриот начин за размена на мислењата и создавање на стратегија за понатамошните чекори.

Националниот совет за високото образование и научно-истражувачката дејност се формираше заради обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност и е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност. Советот е составен од 15 члена кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија, меѓу кои се професори од сите научни области, студент и член од Стопанската комора и претставник од МАНУ.

Слични содржини