Министерката за образование и наука Мила Царовска учествуваше на конференција во Стразбур организирана по повод една година од основањето на Опсерваторијата за изучување на историја, на која беа евалуирани резултатите од нејзиното досегашно функционирање. Целта на оваа опсерваторија е да го унапредува квалитетот на наставата на сите образовни нивоа во сите земји членки на Советот на Европа кои ја прифатија иницијативата за нејзино основање, или кои ќе се приклучат во иднина.
Република Северна Македонија од самиот почеток ја поддржа оваа иницијатива и продолжува да дава придонес кон работата на опсерваторијата, a министерката Царовска очекува дека придобивки ќе имаат сите држави кои се дел од истата.
„Изучувањето на историјата е темел на демократската култура и затоа сметам дека идејата за основање на опсерваторијата е одлична. Таа е добро место каде преку размена на искуства меѓу државите, врзани за педагошкиот пристап во предавањето ќе се обезбедат придобивки и унапредување на образовните концепти кои земјите ги применуваат“, рече Царовска.
Министерката истакна оваа научна област придонесува за развојот на демократско граѓанство, затоа што изучувањето на материјата го поттикнува поединецот на почитување на различностите и токму во таа насока, со најкрупните промени досега во областа на основното образование кои во моментов ги спроведува Северна Македонија, опфатен е и предметот историја, кој наместо од 5то отсега се изучува од 4то одделение. Информираше и дека започната е етапна примена на нови наставни програми и учебници, но и интегриран пристап преку кој една тема се изучува од различни аспекти, односно преку повеќе предмети.
„Силно веруваме дека реформите ќе донесат позитивен ефект во образовниот систем кај нас воопшто. Во меѓувреме ќе го споделуваме нашето искуство на меѓународен план, со земјите кои се членки на оваа опсерваторија, затоа што, имаме што да кажеме сега откако направивме крупен исчекор за подобро образование. Но, и ќе учиме од вас, со намера да го усовршиме образовниот систем во овој дел. “, потенцираше Царовска.
Таа додаде дека опсерваторијата може многу да го скрати времето кои и’ е потребно на една земја за спроведување на истражувања и анализи на меѓународните искуства, доколку креира образовни реформи во делот на историјата, бидејќи сега, како што рече, искуствата на повеќето земји од Европа се споделуваат на едно место, токму преку оваа институција.
Опсерваторијата за изучување историја е основана минатата година, а како резултат на потпишана Декларација од министрите за образование на 23 земји во Париз на 26 ноември 2019 година, со која изразија подготвеност да работат на нејзино создавање во рамки на новиот проширен парцијален договор на Советот на Европа. Досега, 17 земји пристапија кон членство во опсерваторијата и тоа Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Франција, Грузија, Грција, Ирска, Луксембург, Малта, Северна Македонија, Португалија, Руска Федерација, Србија, Словенија, Шпанија и Турција.