Царовска: Матурата ќе се полага, до крајот на месецот учениците да одлучат за предметите

Министерката за образование, Мила Царовска, уште еднаш потенцираше дека државната матура за средношколците ќе се реализира следната година и во законски утврдените рокови.

Таа уште еднаш ги потсети учениците, во рамки на својот престој во Битола, да ги изберат проектните задачи, како и предметите кои ќе го полагаат за матурата.

„Сакам да ги поттикнам учениците до крајот на овој месец да изберат проектна задача за претстојната матура и до крајот на следниот месец да изберат предмети кои што ќе сакаат да ги полагаат за матурата. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици кои што се наша иднина, и затоа согласно законските рокови матурата ќе се реализира во текот на наредната година, како иста пракса што се случуваше во други држави од регионот и Европа. Матурата ќе се реализира и во нашата држава затоа што не сакаме да бидеме исклучок. Матурата е значајна за утврдување на знаењата и за понатамошен развој на нашите млади граѓани кои во иднина треба да ја водат државата и економскиот развој“, посочи Царовска.

На денешната прес конференција во Битола беше соопштено дека зимскиот распуст за учениците ќе се реализира според календарот и идентично како и минатата година, во текот на месец јануари, а на 21. јануари ќе почне второто полугодие за сите ученици.

Слични содржини