Според информацијата што ја имаме од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука дискутира со СОНК кој е репрезентативен синдикат за образование, посочи министерката Царовска во рамки на новинарско прашање за барањето на Независниот синдикат за образование и наука за социјален дијалог со ресорното министерство.
„МОН е повикано да дискутира со репрезентативни синдикати како што е СОНК. Тој е со одобрение што го издава МТСП, а министерот за образование само ја добива таа информација од МТСП дека репрезентативен синдикат во образование е СОНК. Со него се усогласени сите политики коишто ги носиме, сите предлог-законски решенија. Социјалниот дијалог во континуитет се случува и јас како министерка навистина го почитувам“, истакна Царовска.
Таа вели дека и за сите образовни прашања МОН е постојано во комуникација со сите засегнати страни затоа што, рече, на тој начин се носат квалитетни решенија.
„Во моментов СОНК соработува со Министерството. Секако, за нешто имаме исти мислења, за нешто различни, но дијалогот продолжува и ги надминуваме сите предизвици што стојат пред нас“, заклучи Министерката.