Царовска: Наставниците во образовниот процес нема да ја загубат работата

266 прегледи

Врзано за новата концепција во основното образование, министерката за образование и наука, Мила Царовска, денес оддржа онлајн состанок со наставниците од основните училишта во државата, соопштија од ресорното министерство.

Царовска посочи дека реформите се предвидени да започнат од следната учебна година, со што ќе се унапреди образовниот процес со овој модел, согласно препораките на меѓународните институции и организации кои се воведуваат во европското образование.

„Не укинуваме ниту една научна дисциплина, затоа што се стремиме да направиме квалитетно образование во кое нашите ученици ќе се стекнуваат со сите знаења вклучувајќи ја и историјата“, рече Царовска.

Исто така министерката, посочи дека наставниците нема да ја изгубат работа, туку напротив се работи на зајакнување на кадарот затоа што со реформата се отвораат можности за напредок.

„Наставниците ќе добијат поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, како и поголема поддршка од системот. Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму, колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, токму таа е придобивка и за наставниците и образовните работници“, потенцира Царовска.

Од МОН информираат дека во следниот период ќе продолжат консултативните состаноци со сите вклучени страни за целосно новата концепција за основно образование.

Слични содржини