Меѓународниот ден на образованието – 24 јануари годинава го одбележуваме во време на пандемија којашто ни наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање на решенија за непречена настава и квалитетно образование и во овие исклучително сложени услови. И покрај пандемијата Министерството за образование и наука продолжува силно да вложува во образованието и во подготвувањето на целосна нова реформа која ќе гарантира подобро и поквалитетно образование за нашите деца. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во видео обраќање по повод денешниот Меѓународен ден на образованието.
„Остануваме посветени и вложуваме во подобри услови и во нови образовни програми, со кои ќе ги поттикнеме најмладите критички да размислуваат и да фатат чекор со нивните врсници од најразвиените земји. Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина“, вели Царовска.
Министерката Царовска потенцира дека и во време на пандемија е овозможено образовниот процес да тече непречена настава со комбинираниот модел: настава со физичко присуство, онлајн и со емитување часови на телевизија што не беше ни малку лесно. За сето ова да успее најголем придонес имаат учениците, наставниците и родителите.
„Децата, нашите ученици се и нашите херои во ова време, херои кои ни покажаа на сите нас дека може да се постигнат резултати и при учењето на далечина, ни одржаа лекција за прилагодување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности“, вели Царовска.
Според податоците на УНЕСКО од кризата со Ковид-19 и затворањето на училиштата, универзитетите и другите образовни институции, како и прекинот на многу програми за доживотно учење и описменување, влијаеше врз животите на над 1,6 милијарди ученици во повеќе од 190 земји во светот. Во сите овие земји вклучувајќи ја и нашата, образованието е во фокусот на обновата од влијанието на кризата како клучен фактор за трансформацијата кон поинклузивно, побезбедно и одржливо општество.