Царовска од Анкара: ТИКА ќе продолжи инвестира во образовниот систем, со особен фокус на инфраструктурните проекти

од Andreja Salpe

На денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со претседателот на ТИКА Серкан Кајалар која се одржа во главниот град на Турција, каде делегација од МОН во која покрај министерката е и заменик министерот Арафат Шабани беше потврдено дека турската агенција за соработка и координација ТИКА ќе продолжи да ги поддржува заложбите на Владата на Република Северна Македонија за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, инвестирајќи во повеќе негови сегменти, со особен фокус на инфраструктурните проекти.

„Особено ни е драго што ТИКА секогаш ги препознава и долги години ги поддржува напорите на државата за развој на образованието и што како претседателство потврдувате дека таа поддршка не само што нема да запре, туку и ќе се интензивира. За нас тоа е многу важно во овој период  во кој во тек е имплементирање на реформите предвидени со неколкугодишниот план на МОН и на Владата“, рече Царовска за време на средбата, заблагодарувајќи се на агенцијата за сите досегашни инвестиции кои се плод на одличното партнерство помеѓу двете земји.

Претседателот на турската агенција за соработка и координација Кајалар рече дека Северна Македонија е многу значајна земја за Турција и затоа продолжуваат да го поддржуваат развојот на сите општествени сегменти, вложувајќи во одржливи проекти особено во образованието, здравството и инфраструктурата. Тој ги поздрави напорите на државата за унапредување на квалитетот на образованието, а особено се осврна на  јакнењето на капацитетите на наставниот кадар, како клучна алка во системот од која најмногу зависи создавањето на добри генерации на ученици.

ТИКА во Северна Македонија е активна 15 години и досега има реализирано десетици инвестиции во изградба на нови или реконструкција на постојни училишни објекти во повеќе општини во државата со граѓани од различна етничка припадност.

Слични содржини